Бизнис
21. September 2015 - 14:11

Да се зголеми поддршката за бизнисот преку МБПР, бараат компаниите

Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР) во следните пет години да ја зголеми капиталната база од постоечките 20 милиони евра на 60 милиони, да ја прошири палетата на услуги и да посвети внимание на кадровско зајакнување, бара Стопанската комора на Македонија.

Како што соопшти извршната директорка Јелисавета Георгиева, овие и уште неколку предлози кои компаниите ги подготвуваа подолго време, а чија реализација е предвидена на среден рок, денеска ќе бидат доставени до Владата.

- Ја охрабруваме Владата од идната година да почне со значајна буџетска подршка за континуирано докапитализирање на Банката. Цениме дека МБПР може и треба да има поголем обем на финансиски услуги за крајните корисници со единствена цел - поддршка на домашните компании и на извозот, истакна Георгиевска на прес-конференција.

Според неа, докапитализацијата на МБПР е приоритетно прашање на кое во изминатиот период Комората постојано инсистираше но, во Националната програма на економски реформи за 2015 година тоа не е предвидено.

- Стопанската комора на Македонија оценува дека постојниот капитал на МБПР е мал и недоволен за да може да одговори на успешно извршување на поставените законски обврски, како и на идните обврски што ги планира Владата и што ги очекува стопанството од неа: кредитирање инфраструктурни проекти, проекти за рамномерен регионален развој, споделување на ризикот кај кредитирање на поголемите проекти, гаранции за учество на покрупни меѓународни тендери, за добро извршување на работите, за поврат на аванс и за отстранување недостатоци во гарантен рок, поголемо вклучување во делот на кредитното осигурување и кај извозните побарувања од комерцијални и политички ризици, посочи Георгиевска.

Покрај докапитализацијата со средства од Буџетот, Комората смета дека во надлежност на МБПР како финансиска институција треба да се предвидат и одредени облици на државната помош (субвенции) пред се за инфарструктурни проекти на локално ниво, отпишување или преземање долгови, изземање, намалување или одлагање на плаќање на јавни давачки, како и продолжување проекти за доделување кредити под поволни услови.

За реализирање на ваквите барања, Стопанската комора, најави извршната директорка, ќе достави и иницијативи за измени на соодветните законски решенија.

На прес-конференцијата Георгиевска неколку пати повтори дека Комората има одлична соработка со Македонската банка за поддршка на развојот и дека МБПР одиграла и се уште игра клучна улога во поддршката на македонското стопанство, но потребата од повеќе средства за економијата, рече, е неминовна и како пример ја посочи Хрватска, чија Развојна банка располага со 1,4 милијарди евра.

- Посебно треба да се подвлече улогата на Банката во успешната реализацијата на проектот на Владата за кредитот од Европската инвестициска банка (ЕИБ) во сите досегашни четири фази. Од ЕИБ 4 деновиве треба да се пушти нова транша од 6,8 милиони евра за реализација на 60 проекти и можност за отворање 100 работни места, а до крајот на годината на домашните компании им стојат на располагање уште 30 милиони евра, напомена Герогиевска, додавајќи дека од државниот буџет годишно се обезбедуваат околу 200-350 илјади евра за субвенционирање на каматата. 

Од досега поддржаните проекти преку МБПР, отворени се 6.000 нови работни места.

Банката континуирано го развива и делот на кредитното осигурување и прва почна со примена на факторингот како нова финансиска услуга.

Одговорајќи на новинарски прашања, Георгиевска укажа и дека дел од услугите што ги обезбедува МБПР не се искористени од страна на компаниите