Македонија
17. February 2025 - 16:31

Да се носи маска во болниците и клиниките - препорака од Министерството за здравство за заштита од грипот

Забрана за посети на хоспитализирани пациенти, а граѓаните кога одат во болниците и клиниките да носат маски и да одржуваат дистанца. Вакви препораки министерството за здравство испратило до сите јавни здравствени установи за да се спречи ширење на грипот. Од Комисијата за заразни болети засега не планираат да препорачат дополнителни мерки, бидејќи нема преоптоварување на болничките капацитети, а бројките на новозаболени стагнираат.

- Може да се каже дека ова е една од поблагите години, односно со поблаг тек на грипот. Ситуацијата е под контрола. Нема оптоварување на болничките капацитети. Да луѓето се јавуваат кај матичните лекари и во Клиниките за деца има зголемување на фреквенцијата, но во моментот се одговара соодветно. За дополнителни мерки во овој момент не размислуваме, изјави д-р Александар Петличковски, претседател ан Комисијата за заразни болести.

Според извештајот на ИЈЗ последната недела има пријавено 2880 случаи со грип, што е намалување за 5 проценти од претходните 7 дена. Потешко поминуваат граѓаните кои се заразиле со инфлуенца Б.

- Инфлуенца А дава полесни симптоми, повеќе во вид на настинка, кивање, субфебрилна температура, некоја поблага омалаксаност, а додека граѓаните со инфлуецна (грип) Б имаат потешка симптоматологија, повисока фебрилност, поизразена малаксаност, и она што го забележуваме дава опструктивни бронхити, вели д-р Драган Ѓорѓиевски, матичен лекар.

И од Комисијата за заразни болести и матичните лекари советуваат да се почитуваат општите препораки за заштита од респираторни инфекции, да се избегнуваат блиски контакти со заболено лице, да не се оди на затворени места каде има многу луѓе, а просториите каде се престојува почесто да се проветруваат.