Бизнис
17. December 2015 - 14:15

Цветков: Земјоделството е пресериозен сектор за да се прави театар од ситни работи

Да не правиме театар од ситни работи. Земјоделството е пресериозна работа за да се занимаваме со наводни злоупотреби на десет хектари земјиште. И да има какво било кривично дело, тоа ќе го утврдат надлежните служби, а сторителот ќе сноси одговорност, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков.

Одговорајќи на новинарско прашање за обвинувањата на неговиот дополнителен заменик-министер дека раководителот на Подрачната единица Битола направил злоупотреби со договори за земјиште, Цветков подвлече дека го разгледал предметот.

- Посочениот, од 2008 до 2011 година има потпишано пет договори за вкупно 37 хектари. Не знам што во ова наоѓа дополнителниот заменик-министер, освен што корисник на површините е жената на раководителот на Подрачната единица. Дали е тоа злоупотреба или не, треба да докажат судовите. Како министер, немам намера да се впуштам во кави било оценки зашто имаме Инспекторат во кој работат 300 луѓе и Правна служба со уште десетина лица. Тие се задолжени да кажат дали се некои договори исправни или не, подвлече Цветков.

Досега, додаде, се потпишани 7.000 договори, а се водат постапки за многу поголеми површини од оние десет хектари што ги посочува дополнителниот заменик. 

- Свесен сум дека во некои од склучените 7.000 договори има и некои злоупотреби, но тоа нека го утврдат службите. Моментно имаме огласено 8.500 хектари државно земјоделско земјиште за изнајмување. Водиме постапки за договори кои се однесуваат на 500, 300,... хектари, а дополнителниот заменик-министер нашол проблем на десет хектари. Можеби има. Ако се востанови дека е така, ќе се бара одговорност, истакна Цветков.

Тој уште еднаш нагласи дека како министер се занимава со многу побитни работи, со политиките насочени кон подобрување на состојбите и помош на земјоделците, а за останатото, вклучувајќи и какви било неправилности, има надлежни служби.

Ново на Сител