Бизнис
20. January 2017 - 13:18

Цветков: Тутунот од „Струмица табак“ ќе биде преземен од другите откупувачи

 Целокупното производство на тутун што требаше да го откупи „Струмица табак“, која не успеа да обезбеди финансиски средства за откуп, ќе биде преземено од останатите откупувачи.

Ова било договорено на состанокот што министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков го имал со откупувачите.

- Проблемот е што „Струмица табак“ има потпишано договори за откуп на тутунот „басмак“, а компаниите кои треба да го откупат, не го користат овој тутун. Но, на состанокот се договоривме, бидејќи се работи за мало количество, да го откупат и „басмакот“, истакна Цветков одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Досега, до Второстепената комисија, како што информираше Цветков, нема поднесено жалби од земјоделците околу откупната цена на тутунот.