Македонија
25. December 2023 - 9:47

ЦУК: Спасена жена која се онесвестила на Водно

Вчера, точно на пладне, на Единствениот број за итни повици 112 била добиена пријава за жена (пензионерка) која изгубила свест при престој на врвот на планината Водно во правецот од Крстот кон Матка, информираше Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Истата била дел од група на пензионери, коишто до врвот пристигнале од Средно Водно со жичницата.

Откако жената се онесвестила, веднаш била повикана Итна медицинска помош (ИМП), но лекарите со возилото не можеле да се искачат до врвот, поради мраз и снег на некои осојни места.

„Лекарот од ИМП побарал помош од дежурните во Секторот за операции и координација на ЦУК, по што веднаш биле известени лицата од Спасителната станица на Црвениот Крст на Водно. Тие тргнале со возило, но и тие не можеле да го поминат критичното место, осој, каде што имало мраз на стрмниот пат, поради што едно лице од Спасителната станица тргнало да оди пешки кон врвот и ја лоцирал жената. Во меѓувреме биле известени и пожарникарите од Бригадата за противпожарна заштита БППЗ на Град Скопје, кои итно и додека траеле претходните дејства, дошле со теренско возило. Пожарникарите, заедно со лекарот успеале да пристигнат до местото каде што била жената. Таа била прво освестена и иако веќе била свесна, тие ја згрижиле согласно медицинските и спасителни можни мерки во случајот и со жичница ја евакуирале, спуштиле, до Средно Водно, од каде со возилото на Итна медицинска помош е префрлена во Градската општа болница 8 Септември“, се вели во соопштението.