Македонија
22. May 2024 - 9:51

ЦУК: Поплавувања и штети од невремето на објекти, земјоделски површини, патишта и автомобили

На Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, вчера од попладне до доцна во ноќта, се пријавени повеќе случаи на поплавувања и штети од пороен дожд, гради ветер, на објекти, куќи, земјоделски површини, на патишта и автомобили, како и заглавени луѓе во возила заради порои од земја и одрони.

Пријави 112 имало од општините Куманово, Старо Нагоричане и Липково, како од Скопскиот и од други региони. ЗОД ЦУК предупредуваат дека поради обилните вчерашни врнежи во Косово се очекува зголемување на водостојот на Лепенец и во земјава.

Во регионалниот ЦУК Скопје, се добиени пријави за падната голема гранка од дрво во дворот на „Капан Ан“ во Старата скопска чаршија, за  оштетен кров од куќа и автомобил од невремето во с.Горно Блаце, за поплавени простории од куќи и објекти на ул. „Славка Димкова“, во населбата „Драчево“.

Регионалниот ЦУК Штип информира дека било интеревенирано за отстранување на паднато дрво на ул. „Енгелсова“.

И покрај локалните поројни дождови имало еден пожар евидентиран на отворено. Пожарникарите од ТППЕ Крушево, од 13.30 до 15.00 часот, со два пожарникари и едно теренско возило интервенирале на запалена ниска вегетација и папрат на површина од 0,2 хектара кај месноста „Слива“.

Регионалниот ЦУК Куманово, известува дека е добиена дојава за оштетен пат од обилни врнежи од дожд во с.Сушево. Патниот правец е непрооден, а за проблемот се известени во Општина Куманово за понатамошно решавање на проблемот. Пријавено бло и дека во месноста „Света Петка - Пелинце“ во Општина Старо Нагоричане невремето има донесено тампон и песок и постои опасност од лизгање на автомобили. За ова веднаш е известено ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта за нивна понатамошна постапка односно за расчистување на патот.

Регионалниот ЦУК Охрид, известува е добиена пријава дека кај месноста „Кула“ на територија на Јавно претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје „Јасен", две патнички возила заглавиле на патот поради одрони на камења и насип на песок. Возилата, најбрзо што било можно, биле ослободени од страна на вработени на „Јасен“. Но, патот, за којшто има забрана за движење на возила во вечерните часови, останува да се исчисти денеска од страна на вработените на „Јасен“, коешто јавно претпријатие е и надлежно за одржување на тој потег од патот.

ЦУК апелира на внимателност при појавата на локалните кратки, но нагли метео промени, да се избегнува движење во засеци во природата, суводолици и многу блиску до речни корита, а и особена внимателност при грмежите и молњите, односно при силните електрични празнења: да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја. Потсетуваат и на внимателно возење, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на помали одрони при вакви променливи метео услови. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации.