Македонија
22. May 2022 - 16:32

Црвениот крст во Битола со поддршка на бездомниците за социјализација во општеството

Драган Стојановски е роден во Скопје, но 25 години живее во Битола. Тој е бездомник, а Црвениот крст од Битола за да му помогне да се врати во системот, го ангажира во социјалното  претпријатие кое тие го формираа. Таму работи со машината за пакување шеќер. Драган станал бездомник затоа што нема постојана адреса на живеење, а заради тоа не може да извади и лична карта која е основа за нормално функционирање во општеството. 

-Не ми е тешко, не е физичка работа, лесно е, само проблемот е за напред да гледаме не можам како државјанин на Македонија да се претставам. Од Црвен крст имам помош, тие ми излегуваат во пресрет, сакаат да ми помогнат. Секаде отидов, од социјално ми рекоа дека ми следува помош кога ќе извадиш лична карта, но јас сакам да работам, млад сум, вели Драган Стојановски.

Социјалното претпријатие „Лумус“ е формирано од Црвениот крст Битола во 2018 година како дел од нивната социјално-хуманитарна програма. Главна цел на претпријатието е инклузија на загрозените и на маргинализираните личности, односно да се вратат назад во системот.

- Работи со машината за пакување шеќер, тој помина низ обука, а сега работи, зема примања и полека почнуваме да го враќаме во општеството да се чувствува како нормална единка. Првите дена кога почна бев околу него, кај него се гледаше дека се чувствува дека може да биде корисен и дека повторно е меѓу луѓе, не е отфрлен, не е сам. “, вели Кристијан Крстевски, волонтер во Црвен крст-Битола.

Од битолскиот црвен крст велат дека имаат одлична соработка со угостителските објекти кои на ваков начин го помагаат социјалното претпријатие и ја поддржуваат социјално-хуманитарната мисија на оваа организација.