Балкан
30. January 2017 - 8:33

Ципрас: Србија ја има клучната улога на Балканот

Србија ја има клучната улога на поширокиот Балкан и затоа посакувано е, пред се за стабилноста и развојот на регионот, оваа земја да стане полноправна членка на европското семејство, изјави грчкиот премиер Алексис Ципрас во пресрет на посетата на Белград.

- Грција и натаму се залага активно да ја поддржува Србија на нејзиниот пат за влез во ЕУ, сметајќи дека тоа ќе биде првиот чекор во двострана корист, рече Ципрас во интервју за „Политика“.

Претседателот на грчката Влада укажува дека доколку ЕУ не може да создаде конкретна стратегија за Балканот, источниот Медитеран и поширокиот регион, тогаш не може да пронајде решение ниту за самата себе.

Ципрас утре доаѓа во дводневна посета на Србија, што ќе биде првата посета на еден грчки премиер по седум години, иако тој во Србија беше и во  декември 2014 година, но како лидер на Сириза.

Во текот на посетата Ципрас со српското раководство ќе разговара за многу значајни прашања, а едно од нив е и натамошно засилување на билатералната економска соработка, односно во текот на средбите ќе биде организиран и српско-грчки бизнис форум со учество на повеќе од 70 грчки фирми.