Балкан
26. April 2017 - 9:20

Ципрас очекува Грција да излезе на меѓународниот пазар оваа година

Грчкиот премиер Алексис Ципрас во интервју за телевизијата Антена изрази очекување дека Грција ќе се врати оваа година на меѓународниот пазар, откако неговата Влада ги заврши сегашните преговори со кредиторите, но предупреди дека без решение за олеснување на грчкиот долг, мерките за штедење, кои му беа наложени на кабинетот нема да бидат применети. 

- Изгласаните мерки се гаранција за излегување од спасувачкиот план и една суверена влада може да се повлече, рече Ципрас.

На прашањето за доцнењето во врска со завршувањето на грчката програма, премиерот за тоа вината ја префрли на кредиторите, нагласувајќи дека тоа се должи на несогласувањата меѓу Берлин и ММФ по прашањето за големината на буџетскиот суфицит на Грција. 

Ципрас појасни дека Грција регистрирала буџетски суфицит, кој е 42 пати поголем, отколку што предвиде ММФ.

- Фондот бараше од нас 42 пати повеќе мерки. Кредиторите сакаа да ја стават врз нас и одговорноста за тоа дека напорите за компромис пропаднале, а сегашната спогодба, која ја договаравме е најкритична и решавачка, бидејќи сеопфатно во неа се содржи исто така и прашањето за олеснување на грчкиот долг. Мерките, кои се договорени, ќе бидат гласани со цел да добиеме решение на проблемот со долгот, додаде Ципрас.

Грчките весници пишуваат денеска дека економската екипа на кабинетот на Ципрас ги подготвила мерките и оти тие ќе бидат гласани до 15 мај. Атина се надева дека целиот тој преговарачки процес ќе заврши до крајот на месецот, за да добие нова финансиска помош.