Македонија
25. March 2023 - 16:35

Чии пратеници се непослушни - СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ со меѓусебни обвинувања

Убедувања и обвинувања на тема уставни промени меѓу партиите. Опозицијата тврди дека во СДСМ постои раздор околу менувањето на Уставот бидејки девет пратеници веке се изјасниле дека нема да потклекнат пред бугарскиот ултиматум.  Според ВМРО ДПМНЕ, Ковачевски на итен координативен состанок побарал од пратениците на СоцијалДемократскиот Сојуз да излезат со заеднички став и документ кој ќе биде потпишан од секој од нив поединечно дека безусловно ќе гласаат за уставните измени и влез на Бугарите во Уставот, без оглед на формулацијата.

Ова се дискутирало на средбата пред неколку дена во централниот штаб на СДСМ која имала тензичен и непријатен карактер, на која тој потенцирал дека доколку излезат во јавноста пратеници од СДС кои се против уставните измени тоа може да ги натера албанските коалициони партнери да ја прифатат идејата на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори оваа година.

СДСМ пак со обратен став дека членовите на  ВМРО-ДПМНЕ  кои се проевропски настроени се под силен притисок на Мицковски за да не ги гласаат уставните промени.

И Демократската Унија ја повика опозицијата да се приклучи  кон  европскиот  фронт и храбро да ги однесе одлуките за да продолжи интеграцијата во ЕУ.  

Од  ДУИ упатија порака до проевропските кадри во ВМРО-ДПМНЕ да не потпаѓаат под негативното антиевропско влијание на нивното партиско раководство.

-Во ВМРО-ДПМНЕ има европски сили кои што не се поистоветуваат со ставовите на нивните моментални предводници и не сакаат да ги повторат истите грешки кога застанаа на погрешната страна. Денешниот наратив, размислување и делување на опозицијата, за жал е ист како тој пред 6-7 години, кој што ја изолираше опозицијата меѓународно, но сепак тогаш опозициони пратеници смогнаа сила и храбост и се одважија на предизвикот при што денес, Северна Македонија е членка на НАТО и преговара за членство во Европската Унија, стои во соопштението.