Македонија
28. August 2017 - 12:56

Чествување на Успение на Пресвета Богородица и Св.Јоаким Осоговски во Крива Паланка

Во манастирот кај Крива Паланка чија црква го носи името на Пресвета Богородица, чествувањето на Успението на мајката Божја почна утринава со света божествена литургија со која чиноначалствуваше митрополитот Кумановско-Осоговски г. Јосиф.

Од Кривопаланечкото архиерејско намесништво информираат дека во манастирот се е подготвено за пречек на гостите, верниците и добронамерници кои веќе пристигнуваат во храмовите од сите краеви на земјава и соседството. Истакнуваат дека во конаците на манастирот има сместувачки капацитети, над сто легла каде можат да престојуваат верниците и да уживаат во духовниот мир на комплексот сместен во прекрасната природа на Осоговието.

Чествувањето продолжува со вечерната литургија во 18 часот, а утре во манастирот ќе се служи Утрена на преподобен Јоаким Осоговски, со почеток во осум часот и во 10 часот и 30 минути ќе се одржи водосвет со благословување на славските колачи, во дворот на манастирот. 

На 29 август се чествува споменот на свети Јоаким Осоговски, пустиножител и светец, кој е патрон-празник на Крива Паланка.

Од општина Крива Паланка информираат дека утре е неработен ден во општината и оти се очекува градот да го посетат илјадници туристи од земјава и странство, кои доаѓаат на големиот црковно-народен собир во манастирот.

- Овој ден е прогласен за неработен за фирмите, установите, јавните претпријатија и останатите институции согласно Одлуката од 26 август 2011 година, донесена од страна на Советот на општина Крива Паланка, информираат од локалната самоуправа.

Утрена и Божествена литургија за Успение на Пресвета Богородица се одржа и во соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“ во Крива Паланка, „Св.великомаченик Теодор Тирон“ во село Конопница и во храмот „Св.Никола“ во село Псача.

Во манастирскиот комплекс денеска ќе се одржи и традиционалната крводарителска акција која ќе ја реалзиира општинска органзиација на Црвениот крст од Крива Паланка.