Свет
1. July 2017 - 13:19

Чапмен: „Црвените линии“ на Меј ја „осакатија“ позицијата на Дејвис во преговорите за Брегзит

 

Работата на министерот за Брегзот, Дејвид Дејвис во преговорите со ЕУ е значително отежната поради „црвените линии“ што ги постави британската премиерка Тереза Меј, изјави неговиот поранешниот шеф на кабинетот Џејмс Чапмен.

Во изјава за Би-Би-Си, Чапмен тврди дека Меј со својата тврда позиција го „осакатила“ својот министер и главен преговарач Дејвис, особено кога станува збор за Европскиот суд на правдата.

Британската премиерка инсистира по Брегзитот, Судот да нема повеќе никаква правна сила во Велика Британија и таквото ветување, заедно со запирањето на мигрантите од ЕУ, беа главното орудие во кампањата за привлекувањето на гласачите за време на референдумот за излез од Унијата минатата година, но и за предвремените парламентарни избори на 8 јуни.

-Тоа меѓутоа не е единственото прашање за кое Меј не сака да попушти, вели Чапмен.

Тој смета дека доколку британската премиерка беше пофлексибилна, Владата не ќе мораше да бара потврда на конечниот договор за Брегзит од Парламентот во Лондон, 

Брисел, од своја страна, останува цврсто на позицијата дека Европскиот суд на правдата ќе мора да остане да функционира во Велика Британија и по нејзиното повлекување од ЕУ, за да ги заштитува правата на државјаните на земјите на Унијата, кои живеат на британска територија.

Чапмен, кој е поранешен близок соработник на Дејвис, открива и дека тој и министерот за надворешни работи Борис Џонсон имаат „малку поблага“ позиција кога станува збор за европските мигранти, но дека Меј засега не покажува волја за ублажување на нејзините ставови.

Кабинетот на Меј во Даунинг стрит 10 одби да ги коментира тврдењата на Чапмен, а без официјална реакција остана и министерот Дејвис.

Чапмен е поранешен новинар на проториевскиот весник „Дејли Меил“, кој едно време работеше и како директор за комуникации на екс-министерот за финансии Џорџ Озборн, кого Тереза Меј го смени од функцијата, откако беше избрана за премиер во јули минатата година.