Македонија
20. February 2024 - 16:40

Цените на катастар не поскапуваат, но ќе плаќаме најмалку трипати повеќе

По два дена молк Катастар се произнесе за Тарифникот за катастарски услуги. Цените останувале исти, но сепак ќе плаќаме најмалку три пати повеќе.

Уписот на стан останува 1.250 денари, но тоа ќе не чини барем три пати повеќе. Досега со еден упис во имотен лист можеше да се внесат квадратурата на станот, земјиштето, заедничките простории, гаража доколку сопственикот поседува. Сега, сите овие ставки ќе одат на посебни имотни листови, што значи дека првиот упис на стан ќе чини најмалку 3750 денари, а доколку сопственикот поседува гаража или некоја друга просторија, цената ќе расте. На ова треба да се додаде + 600 денари за нотарски услуги.

Од Катастар за Сител појаснуваат дека досега градежните компании при упис на зградите, сите станбени единици и простории ги упишувале со еден имотен лист. Тоа е една од причините за промената во Тарифникот.

-Во претходниот Тарифник овој надоместок се наплаќаше по правен основ, односно поднесено барање и во еден правен основ можеше да се содржани неограничен број на имотни листови. Сегашниот надоместок останува непроменет, но се однесува на еден имотен лист. Овој надоместок се наплаќа само при првиот упис и кога се менува сопственикот. Секое следно вадење имотен лист останува со цена од 250 денари, велат од Катастар.

Значително поскапување има и кај премерот што го прават геодитетите, но и за самото изготвување на планот. Но геодитетите засега не можат да кажат колку точно ќе биде поскапувањето на нивните услуги зашто не направиле пресметки.

Геодитетите кои ги контактиравме велат дека промените во Тарифникот за геодетски услуги се на нивно барање бидејќи цените не биле променети цели 10 години. Меѓутоа, велат дека Катастар преку новиот Тарифник за геодетски услуги го маскира поскапувањето на катастарските услуги, како вадењето имотен лист.

Директорот на Катастар, Борис Тунџев два дена не одговара на повиците на Сител. Но за државната МИА веќе изјави дека зголемувањето било направено поради зголемени трошоци за струја, гориво, лиценци за софтвери, одржување на опрема, зголемување на платите.