Македонија
3. February 2021 - 16:29

Царовска: Со концепцијата градиме македонски систем за основно образование

Македонски систем за основно образование е она што се гради со Нацрт-концепцијата за основно образование, вели во видео интервју за МИА, министерката за образование Мила Царовска.

На прашањето за каков модел станува збор, од каде се црпени искуствата, зошто толку се споменуваше финскиот, какви допирни точки има овој модел со финскиот, Царовска децидна дека станува збор за македонски систем за основно образование, на кој, како што рече, „сите треба да бидеме горди ако максимално се дадеме и вложиме да стане реалност“.

-Финскиот модел се создал како национален концепт, естонскиот модел се создал како национален концепт, тоа укажува дека секоја земја, која се грижи за своите граѓани инвестира и создава во дел кој одговара на најзините можности и потреби и токму таков образовен систем создаваме сега. Користени се сите држави кои имаат одлични резултати на меѓународните тестирања, но исто така користени се и меѓународни искуства за да се видат добрите и лошите страни, но да не заборавиме користени се и наши искуства и од Кембриџ и од деветолетката и од други интеграции на екологијата и различни елементи кои се воспоставуваат во образовниот систем, за да може да стигнеме до овој концепт и да кажеме: Да, со наши сили можеме ова да го спроведеме, вели Царовска.

За интегрирањето на предметите и за реакциите во јавноста кон овој пристап, особено во однос на тоа дека со концептот се укинува историјата и тоа во еден чувствителен момент на македонско-бугарските односи, министерката за образование нагласува дека поставувањето на овие дилеми во јавноста направиле една негативна атмосфера.

-Образованието не се базира на историја и концепцијата нема никаква врска со надворешно-политичките прашања на нашата држава. Има единствено врска со внатрешни постигнувања на нашите деца, кои понатаму треба да бидат продуктивни граѓани и да ја водат државата. Интеграции и денеска постојат до петто одделение, имате интеграција и нема никаков проблем тука, вели Царовска.

На забелешката дека во концепцијата сепак не фигурира историјата како предмет, Царовска додава дека интегрирањето не значи целосно поклопување на научните дисциплини, кои, како што појаснува, остануваат модуларно.

-Ги поставуваме и историја и географија и граѓанско и биологија и хемија со тоа што географија има и во природни и во опшествени науки, но бројот на часови останува ист и во природни и во општествени науки со сегашниот наставен план. Интеграцијата се однесува на  темите кои се учат да се поврзат со сите научни дисциплини од природни или општествени науки, затоа што ниту еден проблем, ниту еден предизвик во животот не го решаваме само со користење на една дисциплина, додава Царовска.

Вели дека никој не треба да стравува дека ќе остане без работа, туку според министерката ќе има дефицит на кадри.

Интервјуто е правено пред одржувањето на јавната расправа во Собранието за концепцијата, која е закажана за в петок, а на која, како што посочи Царовска, смета дека се поканети сите релевантни, кои биле гласни во јавноста со различи ставови. Таа очекува плодна расправа.