Бугарското собрание одлучува по новиот предлог
Францускиот предлог влезе во бугарското собрание. Пратениците носат одлука со која Владата ќе добие мандат да го крене ветото за Македонија, а седницата следува по вчерашната три и пол часовна дебата во Комисијата за надворешни работи на бугарското Собрание, каде што беа предложени три решенија за македонско-бугарскиот спор.
Комисијата усвои само еден, на лидерот на Демократска Бугарија Христо Иванов. Предлогот предвидува четири главни услови за македонска деблокада:
Пречистување на текстот за да се обезбеди влез на Бугарите во Уставот на Македонија;
Ништо во процесот на пристапување на Скопје во Европската унија не може да се толкува како бугарско признавање на постоењето на „македонски јазик“;
Да се осигура дека добрососедството останува хоризонтален критериум до крајот на преговорите на Скопје со ЕУ;
И последно, периодичното разгледување на имплементацијата на договорот за соседство да биде јавно објавено во преговарачкиот процес.
Од Демократска Бугарија посочија дека најсилното средство за притисок е преговарачкиот процес, а според Иванов, одбивањето на францускиот предлог од Македонија, значи дека тој во целост го штити бугарскиот интерес.
Со ова не се согласи пратеникот Костадинов од “Преродба”, кои силно се противат на кревање на ветото.
Францускиот претседател Макрон синоќа изјави дека се чека конечната одлука на бугарскиот парламент за предлогот со кој ќе се одблокира европскиот пат за Македонија кон ЕУ. По Самиот ЕУ-Западен Балкан во Брисел истакна дека договорот за Скопје и за Тирана е блиску, за да можат двете земји да продолжат кон преговорите.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар
