Македонија
15. February 2017 - 16:18

Бугарските европратеници бараат признавање на бугарско малцинство во Албанија

Крајно неприфатливи за сите Македонци во Албанија се тврдењата на бугарските европратеници, дека во Албанија живеат Бугари и дека тие треба да се заштитат, реагира партијата на Македонците во Албанија на настојувањето на пратениците Андреј Ковачев и Ангел Џамбаски преку Резолуцијата на Европскиот Парламент за Албанија да ја протуркаат тезата дека македонското малцинство во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора е всушност бугарско.

,,Овие барања се нелогични и нереални тврдења на Република Бугарија за некакви си Бугари во Република Албанија. Тоа се потврдува и на терен и со контакти со самите жители, каде што живеат Македонци низ цела Албанија истото го зборуваат дека ова има политичка позадина. Реалноста е дека ние сме Македонци, такви сме биле и такви ќе останеме без разлика на тврдењето и барањето на некој си таму пратеник во ЕП на Република Бугарија’’, изјави Едмонд Темелко, Претседателот на партијата на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција.

Според Темелко и во Албанија има случаи на земање бугарско државјанство и пасош, како што се прави во околните земји на Бугарија кои не се членки на Европската Унија, но државјанството е од други мотиви и нема врска со етничката припадност.

,,Тоа не значи дека ако тие бараат за економска егзистенција бугарски пасош, нема врска со нивното потекло. И самите жители Македонци што имаат поднесено за бугарско државјанство, самите истото го тврдат дека никогаш немале Бугари во нивните фамилии и никогаш не се осеќале како Бугари, туку како Македонци’’, вели Темелко.

Инаку, бугарскиот европратеник Ковачев тврди дека наместо Македонци, во Албанија живеат 100 илјади Бугари.