Македонија
5. December 2020 - 16:47

Бугарски интелектуалци со писмо до Борисов и Захариева бараат поддршка за Македонија

Бугарски интелектуалци со писмо испратено до својот државен врв, амбасадорите на земјите членки и  ЕУ канцеларијата во Софија, бараат Бугарија да се откаже од блокадата за ЕУ интеграциите на Македонија. Пишуваат дека неприфатливо е оспорувањето на македонската нација и јазик и како што оценуваат, несоодветно е да се очекува едната страна во преговорите да изврши политичко самоубиство. Универзитетската професорка која е потписник на писмото, Евгенија Иванова, во изјава за Сител вели дека иако и самата е историчар, не треба да се остави главни актери во решавање на прашањата од македонско-бугарскиот дијалог да бидат историчарите.

Покрај Иванова во писмо се потпишани уште 30тина Бугарски интелектуалци, во кое наведуваат дека наместо за историски прашања, двете држави да дебатираат на полето на соработката во културата, политиката, еконимијата. Порачувааат Бугарија да даде зелено светло на преговорите за членство на Македонија во ЕУ и тоа до крајот на годинава.

-Исклучително загрижувачки е фактот што Република Бугарија го блокираше почетокот на процесот на преговори на Македонија за членство во ЕУ, со аргумент кој е неразбирлив за современите меѓудржавни односи. Според наше мислење, Бугарија ќе претрпи штета на имиџот на различни ненационални нивоа, со непредвидливи последици. Во прашање се пријателството, добрососедството и соработката помеѓу двете земји кои се главните столбови на истоимениот договор.

Писмото на интелектуалците од Бугарија доаѓа на ден по состанокот на мешовитата историска комисија која објави дека нула е напредокот од дводневната работа.

Членот на бугарскиот тим за БНТ вели дека македонските историчари се уште им служеле на југословенските тези и порача дека доколку Северна Македонија сака да велзе во ЕУ, мора да се откаже од омразата кон Бугарија.

Од Македонскиот тим историчари денеска никој не ги коментира ставовите на бугарските колеги.

Двата тима вчера најавиа дека следната недела ќе одржат нова онлајн средба на која ќе се бараат решенија за отворените историски прашања.