Бугарија поставува нови рокови за договор, Плевнелиев бара поддршка за Скопје
Добрососедските односи се многу јасен услов за поддршка на Македонија во нејзините евроинтеграции, вели шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева во денешното телевизиско интервју.
Таа повторно потсетува дека поддршката од Софија никогаш не била безусловна.
Захариева конкретизира дека политиката на Софија кон Скопје во пристапните преговори ќе зависи дали до крајот на годината ќе има резултат од мешовитата комисија за историски прашања, по темите важни за Бугарија.
,,Сум слушнала многупати дека договорот не е јасен. Тој не содржи ограничување на времетраењето на работата на комисијата, тоа е точно. Но, протоколот што го потпишавме на меѓувладината комисија дава јасна одредница, и таа е, до крајот на годината да се направи напредок за неколку важни прашања – историските личности што не обединуваат не смее да не разединуваат. И ова е мојот апел до моите пријатели во Република Северна Македонија.
Прашање: Ама зарем не треба да биде јасно формулирано кога треба да се направат измени во македонските учебници по историја?
Илинденското преображенско востание, Гоце Делчев, комисијата токму поради тоа е составена од историчари. Јас не сум историчар. Тие треба да се согласат за заедничкиот текст. Тоа што е многу важно е дека тие не направија малку, иако според бугарските членови на комисијата, според бугарската влада нивното темпо е незадоволително‘‘, изјави Захариева.
Од друга страна, поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев, смета дека Софија не треба да му удира шлаканица на Скопје, туку да даде поддршка. Тој го критикува претседателот Радев поради лажниот патриотизам.
,,Во никаков случај не треба да демонстрираме лажен патриотизам, погрешно разбрана одлучност и активност во последен момент, во никаков случај не треба да цртаме некакви измислени црвени линии, можеби само за внатрешно политичка употреба пред изборите. Затоа што стратешката цел е јасна – Северна Македонија треба да биде чен на Европската Унија и на НАТО. Тоа е стратешки важна цел на Бугарија‘‘, изјави Плевнелиев за бугарски „Фокус“.
-
Валентин Николоски
Сите содржини од овој новинар