Балкан
26. March 2022 - 8:48

Бугарија на техничко ниво ги заврши преговорите со ЕК за Националниот план за обнова и развој

Бугарскиот премиер, Кирил Петков, на својата официјална страница на Фејсбук соопшти дека земјата го завршила техничкото ниво на преговорите со Европската комисија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Петков во постот на Фејсбук наведе дека  претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен наскоро ќе допатува во Бугарија за да го потпише Националниот план за закрепнување и одржливост.

На објавата тој додаде и заедничка фотографија со претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен.

Петков се заблагодари на целиот тим од бугарските министерства за финансии, правда, енергетика, како и на сите други министерства кои многу напорно работеле за да се постигне Планот и да се постигне овој напредок.

Според Планот за закрепнување и одржливост, Бугарија првично треба да добие седум милијарди евра од ЕК и уште 3,5 милијарди евра заеми.