Бугарија избира нова Влада со стари позиции за Македонија
Завршува осуммесечната политичка криза во Бугарија. По две технички, Бугарија денеска избира политичка влада која треба да ја предводи земјата во наредните четири години. За точно напладне е закажана вонредна седница на бугарскиот Парламент, на која треба да се гласа за предложениот нов владин состав, на коалицијата предводена од мандатарот Кирил Петков.
На дневниот ред се три точки - избор на премиер на Бугарија, усвојување на структурата на редовната влада, како и нејзиниот избор од пратениците.
Лидерот на најголемата политичка сила во новиот парламент – “Промените продолжуваат“, во саботата го го доби мандатот за состав на новиот кабинет од претседателот Румен Радев. За да се прифати предложената влада и кандидатурата за нов премиер, потребни се 121 глас од вкупно 240 пратеници во Народното собрание.
Четирите партии кои се согласија да формираат владејачка коалиција – “Продолжуваме со промената” “Има таков народ” “Бугарската социјалистичка партија” и “Демократска Бугарија” имаат 134 пратеници. На вонредната седница ќе присуствува и шефот на државата Румен Радев.
Доколку Парламентот денеска ја одобри новата бугарска влада, на Европскиот совет в четврток во Брисел, Бугарија ќе ја претставува Кирил Петков, наместо претседателот Радев.
“По правило на Европските совети учествува премиерот на Бугарија, а по исклучок на нив присуствува претседателот кога во земјата има техничка влада. Досега се планираше Румен Радев да ја претставува Бугарија на последниот Совет за оваа година. Во Бугарија дури се шпекулираше дека инаугурацијата на новата влада ќе биде одложена за да може шефот на државата да го одбрани бугарското вето во Брисел за почетокот на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ”, наведува бугарскиот весник 24 часа.
Како што претходно најави Петков, тој во Брисел ќе го брани досегашниот став на официјална Софија, што во пракса значи дека шансите за Македонија да добие датум за почнување на преговорите со Унијата на овој Самит се многу мали.
Во Брисел утре ќе биде одржан Советот на министри за надворешни работи на земјите членки, каде што практично се носат одлуките кои треба да бидат потврдени од лидерите в четврток. Бугарија ќе ја претставува новата шефица на дипломатијата Теодора Генчовска. Таа на функцијата доаѓа од воените кругови, се смета за експерт за прашањата од безбедноста и одбраната.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар
