Бизнис
27. јуни 2016 - 14:26

Буџетски форум во Пехчево

Со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка, граѓаните на Пехчево за прв пат ќе се вклучат во креирање на буџетот на општината. Општина Пехчево е една од десетте општини кои ќе спроведуваат буџетски форуми во периодот 2016-2017 година и со помош на граѓаните ќе го креираат буџетот за 2017 година.

Како што истакна Никола Каракашев од Општина Пехчево главна цел на програмата е да се поддржи партиципативниот развој на заедниците на локално ниво.

-Форумот претставува платформа за развој којашто цели кон тоа граѓаните да го подобрат сопствениот живот, со сопствени идеи и учество и администрацијата да развие партиципативно и одговорно локално владеење на кое ќе му се верува. Со овие форуми граѓаните ќе се вклучат во локалното владеење. Тоа се постигнува преку учество на локалните засегнати страни и на обичните граѓани во развивањето на проектите и во давањето препораки, а подоцна и во спроведувањето во рамките на финансиската поддршка обезбедена од Швајцарската агенција за развој и соработка и од општината која учествува во проектот, рече Каракашев.

Тој додава дека буџетските форуми ќе содржат шест сесии, а со овие форуми ќе се придонесе и за подобрување на капацитетот на локалната администрација во однос на децентрализацијата со учествувото во проекти, но и одговарајќи на препораките.

- Исто така, се очекува и конкретно подобрување на локалната социо-економска средина. Конкретните резултати од финансираните проекти не ги претставуваат директните цели на приодот од форумите, туку овие практични резултати честопати ја создаваат водечката мотивација на граѓаните да учествуваат на Форумот, рече Каракашев.

Наглеси дека и дека Општина Пехчево од 2009-та година ги применува форумите на заедниците како модел за транспарентност во донесувањето одлуки на локално ниво и форумите на заедницата се интегрален дел од и Статутот на Општина Пехчево, но прв пат граѓаните ќе бидат вклучени во креирање на буџетот.

Проектниот форум во општина Пехчево ќе го спроведе Здружението за одржлив развој и соработка „Алка”, а освен Пехчево во буџетските форуми се вклучени и Берово, Пехчево, Могила, Градско, Пробиштип, Кочани, Студеничани, Желино, Брвеница и Сарај. 

Ново на Сител