Македонија
14. November 2020 - 8:52

Бројот на новозаболени над илјада, на скопските интерни клиники има слободни кревети

Бројот на новозаболени од Ковид-19 и вчера остана над илјада. Прилив на пациенти има, но министерот за здравство уверува дека има слободни болнички кревети и доволно кадар за да бидат згрижени сите пациенти.

Се работи и на поставување на Ковид центрите, а првите ефекти од рестриктивните мерки се очекуваат за недела до две.

Министерството за здравство синоќа излезе со информација дека во изминатото деноноќие се регистрирани нови 1064 случаи од тестирани 3096 лица. Податоците од здравствените власти покажаа дека битката со вирусот ја изгубиле 25 пациенти од кои најмладиот на 34-годишна возраст. Скопје и натаму останува град со најголем број ново заболени – 541, а двоцифрени бројки на новозаболени регистрираат и Куманово,Тетово, Штип, Велес, Битола, Охрид, Кавадарци, Кичево, Струмица, Струга, Гевгелија, Радовиш, Кочани, Свети Николе и Неготино.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека се уште е поголем бројот на пациенти кои се хоспитализираат од оние кои се испишуваат од болница, но вели дека има доволно болнички кревети и оти кадарот е целосно мобилизиран.

Скопските интерни клиники, според Филипче, имаат слободни околу 100 до 200 кревети и доволно медицински кадар кој во секој момент може да згрижи ковид пациенти.

– Секојдневно сме во комуникација со директорите на болниците, прилив на пациенти има. Има и такви што се испишуваат, но се уште е поголем бројот на приеми, изјави Филипче по посетата на Општата болница во Гостивар.

Поставувањето на Ковид центрите во кои дополнително треба да се згрижат пациенти, како што посочи министерот, ќе оди по приоритет и во зависност од подготвеноста на локалните власти, а за пожртвуваноста на медицинскиот персонал кој од почетокот на пандемијата е ангажиран околу третманот на пациентите, предвидена е награда со ребалансот на Буџетот.

– Херојска е вашата борба да се подготви системот за нешто што никој никогаш не предвидел дека ќе се случи, ниту очекувал. Сакам искрено да ви честитам и да ви се заблагодарам, да укажам дека водиме сметка за секој еден што е вклучен во оваа битка, дека со последниот ребаланс е предвидена награда за сите здравствени работници кои работат со Ковид-19. Да издржиме, сега е најголемата криза, но верувам во вашите способности, во вашата струка и вашите организациски капацитети, истакна Филипче.

Во следните денови, според најавите на здраствените власти, ќе се дефинира и прашањето дали учениците од средното медицинско училиште ќе се вклучат со работата на одделенијата каде не се третираат ковид пациенти за да може поискусните медицински сестри да работат со ковид пациентите. Одлуката ќе биде донесена во консултација со сите засегнати страни.

– Следните неколку денови ќе се донесе дефинитивна одлука која нема да биде наметната, туку донесена во договор со сите чинители, порача Филипче.

Во следните недела до две се очекуваат и ефектите од рестриктивните мерки кои сега се на сила. Во овој период, здравствените власти, очекуваат да се стабилизира и бројот на новодијагностицирани пациенти.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 44898. Бројката на оздравени е 26289, а на починати 1263. Активни се 17346.