Бројот на нелегални преминувања на границите од страна на мигрантите е преполовен во споредба со лани
Нелегалните преминувања на државните граници продолжуваат и понатаму, но за разлика од лани нивниот број е речиси преполовен. Во првата половина од годинава биле спречени 5018 такви обиди или за 44 проценти помалку во однос на истиот период лани. Вообичаено, најголемиот дел преминувањата или над 4400 биле на границата со Грција, 551 со Србија, а мал дел има и на останатите граници. Топ петте земји од кои доаѓаат мигрантите се Сирија, Мароко, Конго, Пакистан и Авганистан.
Тренд на намалување е регистриран и во однос на криумчарењето мигранти. Од јануари до јуни оваа година откриените случаи на мигранти исто како и самите мигранти кои се криумчарат бележат намалување за нешто над 16%.
Во полициската статистика стои дека за шест месеци биле откриени 36 случаи во кои имало обид да бидат прокриумчарени околу 300 мигранти. Во истиот период против 28 лица меѓу кои двајца српски и по еден турски и авганистански државјанин преземени се соодветни мерки на кривичен прогон. Тие се осомничени дека сториле 22 кривични дела „криумчарење на мигранти“ две кривични дела „соизвршителство“ и едно кривично дело „помагање во криумчарење мигранти“.
Од 20 април годинава, започна и заедничката операција со Европската Агенција Фронтекс, со која се обезбедува заеднички пристап во справување со предизвиците на илегални активности долж границата со Грција.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар