Свет
13. March 2017 - 11:56

Британскиот Парламент одлучува за законот за Брегзит

Двата дома на британскиот Парламент денеска расправаат околу финалната верзија на владиниот закон за Брегзит, со чие усвојување се отвора патот за покренување на членот 50 од Лисабонската спогодба за отпочнување на формалните преговори меѓу Лондон и Брисел за истапување на Велика Британија од ЕУ.

Владата на британската премиерка Тереза Меј верува дека пратениците во Долниот дом ќе ги отфрлат промените на законот, што веќе ги усвоија членовите на Горниот дом.

Во текот на расправата околу овој закон, Домот на лордови усвои два амандмани на законот, со кои се предвидува давање гаранции за останување во Велика Британија на државјаните на ЕУ кои веќе живеат во земјата, како и право на вето на Парламентот на финалниот договор на Владата со ЕУ со Брисел, со што тој практично би морало да биде одобрен од Парламентот пред започнување на процесот за Брегзит.

Меј и нејзините министри се противат на амандманите, тврдејќи дека тие се „непотребни“, дека и ги „врзуваат рацете“ на Владата во текот на преговорите и дека и го „скратуваат маневарскиот простор“ на премиерката.

Законот за Брегзит ќе биде комплетно усвоен ако за него се согласат и Долниот дом и Домот на лордовите

Во текот на денешната расправа прво ќе гласаат пратениците во Долниот дом и доколку тие не ги прифатат двете промени на законот, што ги усвои Горниот дом, законот одново ќе биде вратен на разгледување пред лордовите, кои ќе треба да одлучат за тоа дали уште еднаш ќе гластаат за верзијата без амандманите.

Аналитичарите проценуваат дека Долниот дом ќе ги отфрли промените, што ги усвои Домот на лордовите, иако дваесетина пратеници од владејачката Конзервативна партија се согласуваат со предлогот на опозицијата за давањето гаранции за државјаните на ЕУ.

Се претпоставува дека во таков случај, членовите на Горниот дом овој пат нема да се спротивстават на владиниот текст на законот, па дека тој до вечерва до полноќ би можел конечно да биде усвоен од Парламентот. 

Ново на Сител