Свет
16. November 2015 - 9:28

Британија ќе ги зголеми средствата за разузнавање и безбедност на авијацијата

Британската Влада донесе одлука во следните пет години значително да ги зголеми трошоците за борбата против тероризмот и гарантирање на авиобезбедноста, соопшти премиерскиот кабинет на Даунинг стрит.

- Новото финансирање ќе биде насочено кон безбедносните служби и разузнавањето за вработување на дополнителни 1.900 службеници, се наведува во соопштението.

Тоа ќе претставува зголемување од 15 проценти во контраразузнавањето МИ-5, надворешното разузнавање МИ-6 и електронското разузнавање „Центар за владини комуникации“.

Владата усвои одлука и двојно да ги зголеми трошоците за безбедност на воздухопловството по несреќата на рускиот авион во Египет минатиот месец, која според Велика Британија е последица на поставена бомба во леталото.

Моментно Британија за безбедноста на авијацијата годишно одвојува девет милиони фунти.