Македонија
24. September 2023 - 16:33

Босилово почнува со селекција на отпадот

Босилово започнува со селекција на отпадот. Наместо на едно место, од сега граѓаните во оваа општина отпадот ќе го одлагаат во посебни садови.

Како дел од проектот, eдинаесет од вкупно петнаесет села веќе имаат пунктови за собирање на стакло и електронски отпад, а во општинскиот центар се селектира и пластика. Во две населени места за прв пат започнува организирано собирање на комуналниот отпад. Во процесот се вклучени и сите јавни институции во кои освен пластика и електронски отпад се селектира и хартија.

Од локалната самоуправа велат дека се работи за многу важен проект кој треба да придонесе за намалување на дивите депонии што никнуваат на секој чекор, но и аерозагадувањето кое во последните неколку години е се поприсутно во регионот

Имајќи во предвид дека со години се чека на изградба на современа регионална депонија, селекцијата треба да помогне и во намалувањето на вкупната количина на отпад кој во моментов во Босилово се одлага на привремени прифатилишта со ограничен капацитет и под сите стандарди.

Со цел да се мотивираат граѓаните што повеќе да селектираат, општина Босилово веќе две години реализира акција преку која сите што ќе донесат одредена количина на пластика добиваат бесплатни овошни садници.