Македонија
16. May 2018 - 12:41

Бошњаковски: Средбата Заев-Ципрас е исчекор кон конечно решение за прашањето за името

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски денеска во коментар за очекувањата на Владата и шансите да се затвори прашањето за името на утрешната средба на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија, рече дека таа е исчекор кон конечно решение. 

- Во однос на утрешната средба на премиерите Заев и Ципрас  премиерот Заев вчера јавно кажа оти е премногу рано да се очекува такво нешто, но мислам дека оваа средба е исчекор кон конечно решение, рече Бошњаковски на прес-конференција.

На новинарско прашање портпаролот на Владата ги негираше информациите објавени во дел од германските медиуми дека на средбата на Заев и Ципрас ќе присуствува германската канцеларка Ангела Меркел. 

- Канцеларката Меркел со премиерот Заев ќе има одделен состанок, односно билатерална средба. Исто така ќе имаме средба и со францускиот претседател Макрон, но средбата Заев-Ципрас ќе биде меѓу нив двајцата, рече Бошњаковски.

Тој потврди дека средбата на Заев и Ципрас е закажана за утре во 10:30 часот по софиско време на маргините на Самитот во Софија. Тоа ќе биде втора тет-а-тет средба на премиероите на Македонија и Грција.