Свет
30. October 2023 - 8:07

Борел: Да се спречат обидите за бришење на историската меморија за политичката репресија во Русија

Европската Унија им оддава почит на жртвите на политичката репресија во Русија и ги поздравува оние кои продолжуваат да работат на сеќавање на минатите жртви и против обидите за манипулација и бришење на историската меморија на политичката репресија во земјата, наведува високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во изјавата по повод Денот на сеќавање на жртвите на политичката репресија – 30 октомври.

– Уште еднаш ја повикуваме Русија да ги почитува основните права утврдени во нејзиниот Устав, како и со меѓународното право и правото за човекови права. Ја повикуваме Русија да се откаже од своето репресивно законодавство, вклучувајќи ги законите кои забрануваат вистинити информации за руската војна против Украина, казнување за т.н. „дискредитација“ на руските вооружени сили и законите за т.н. „странски агенти“ и „непожелни организации“, кои се користат за потиснување на граѓанското општество и независните ставови, истакнува Борел во изјавата.

Тој,од Брисел, посочува дека во последните години „бевме сведоци на невидено непочитување на човековите права во Русија“, како и дека Москва ја „извртува историјата за да ја оправда својата нелегална агресивна војна против Украина“.

– Руските власти со репресивното законодавство и со политички мотивираните казни ја зголемија домашната репресија врз опозициските политичари, граѓанските организации, заштитниците на човековите права, независните медиуми и новинари и критичките гласови. Извештаите за постојаниот нехуман однос, малтретирање и физичко и психичко мачење од страна на руските затворски власти се длабоко вознемирувачки. Руските власти ќе одговараат за тоа, наведува Борел.

Високиот претставник на ЕУ го повторува повикот за итно и безусловно ослободување на сите политички затвореници во Русија, вклучително и Јуриј Дмитриев, Владимир Кара-Мурза, Илја Јашин, Алексеј Горинов и Иван Сафронов.

– Остануваме крајно загрижени за здравствените состојби на Владимир Кара-Мурза, Алексеј Навални и Алексеј Горинов, критично влошени од условите во затворите и малтретирањето и ги повикуваме руските власти да се погрижат сите политички затвореници да добијат соодветна здравствена заштита, вели Борел.

Според него, уште еден „длабоко загрижувачки тренд“ е зголеменото вознемирување на адвокатите во Русија.

– Адвокатите имаат фундаментална улога во поддржувањето на владеењето на правото и човековите права на обвинетите. Мора да им се дозволи безбедно и без страв да ја практикуваат својата професија, се додава во изјавата на Борел по повод Денот на сеќавање на жртвите на политичката репресија – 30 октомври.