„Борба против неправичноста“ - Кампања на УНИЦЕФ по повод Светскиот ден на децата
Светот и понатаму е неправично место за живеење за најсиромашните и најобесправени деца и покрај големиот напредок постигнат по усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето во 1989 година. Меѓу нив има деца кои се од најсиромашните домаќинства, деца со попреченост и деца бегалци и мигранти.
Ова го посочува Глобалниот извештај „Фер шанса за секое дете“, со чие објавување денеска, се совпаѓа и почетокот на кампањата на Фондот за деца на ОН - УНИЦЕФ на светско ниво насловена „Борба против неправичноста“. Како што соопшти Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, целта на кампањата е да се поттикне дејствување за најранливите деца во светот. На глобално ниво во кампањата ќе се вклучи импресивен тим на амбасадори на добра волја на УНИЦЕФ кои ќе го кренат својот глас или ќе ги активираат нивните мрежи на социјалните медиуми за да поттикнат дејствување за најранливите деца во светот.
- Децата бегалци и мигранти се едни од најобесправените деца. Тие се зафатени од криза која тие ја немаат предизвикано. Повеќето од нив бегаат од насилните конфликти, прогонувањето и осиромашувањето на нивните родни земји. На нив првенствено треба да гледаме како на деца, да ги поддржиме и заштитиме, вели Бертран Демулен, претставник на УНИЦЕФ.
Воедно, се наведува и дека значително се зголемува бројот на деца и жени кои се движат и поминуваат низ Македонија. Во јуни, имаше по едно дете на десет бегалци или мигранти кои беа регистрирани во Гевгелија. До месец ноември, имаше по едно дете на тројца бегалци и мигранти. Околу 13.000 деца што патуваат без своите родители беа регистрирани во Гевгелија во последните пет месеци.
- Во моменти кога земјата е зафатена со оваа криза, не смееме да заборавиме на неправичноста со која се соочуваат децата со попреченост во земјата. Кај нив е многу поверојатно да бидат дискриминирани и исклучени од образованието и од игралиштата на кои се играат другите деца едноставно бидејќи општеството прво ја гледа нивната попреченост, а не способноста, стои во соопштението.
УНИЦЕФ и локалните партнери ќе се приклучат кон глобалната кампања „Борба против неправичноста” за да се поттикнат активности на локално ниво за промена на начинот на кој општеството гледа на децата со попреченост и постапува со нив.
Кампањата ќе се фокусира на неправичните ставови кои оневозможуваат децата со попреченост да го заземат местото кое им припаѓа во општеството. Повеќе информации за оваа кампања се најавуваат во текот на следните денови.
Според Глобалниот извештај, околу 14 милиони деца и адолесценти во Сирија, Ирак и Авганистан се соочуваат со војна, конфликти и неправди секојдневно, а со тоа се разгорува моменталната бегалска и мигрантска криза во Европа. УНИЦЕФ вели дека единствениот начин на кој на овие деца кои се во движење ќе им се даде фер шанса во животот е итно политичко решавање на конфликтите во нивните земји и хуманитарна поддршка во регионот.
За децата, пак, кои бегаат од диспаритетите и нееднаквостите на Балканот или во делови од Африка и Јужна Азија, клучно е да се прекине магичниот меѓугенерациски круг на сиромаштија и обесправеност преку насочување на ресурсите каде тие се најпотребни – инвестирање во најсиромашните во општеството.
Ново на Сител
-
АТП го казни Тиафо со 120.000 долари поради пцуење судија
-
Денеска последната супермесечина за оваа година
-
Кирјос по двегодишна пауза се враќа на тенискиот терен
-
Фалкао најдобар колумбиски стрелец во историјата
-
Лазаров го објави поширокиот список ракометари за Светско првенство
-
Му кажале дека има биткоини но дека треба да има 200.000 ден. на сметка за да ги подигне, 45 годишен маж измамен во Куманово
-
Повторен конкурс за сместување во студентски домови каде што има слободни места
-
Син ми беше зависник ама се излекува пред да се ожени, сведочеше дедото на Вања