Биволите да се вратат на македонските фарми
Пред Втората светска војна во Македонија имало околу 39.000 биволи. Овие автохтони видови се одгледувале во скоро сите поголеми општини, Скопско, Кумановско, Брегалничко, Радовиш, Струмица, Дојран, Преспа, Охрид, Битолско, Полошко,... Денес, бројката е сведена на само 60 грла, а интерес за чување речиси не постои.
Со оглед дека биволите главно се употребувале за работа, нивниот број е нагло редуциран по експанзијата на механизацијата, во 50-тите и 60-тите години од минатиот век.
Според експерите, денешната состојба не е подобра најмногу поради економската неисплатливост. Земјава ниту е производител на моцарела која се прави од биволско млеко, ниту потрошувачите се навикнати да јадат/купуваат биволско месо.
Биволското месо е едно од најздравите и секаде во светот е 2,5 пати поскапо од телешкото. Висококвалитетно е и биволското млеко со масленост од над девет проценти. Биволите во сите околни земји се заштитени, а сточарите за нив добиваат субвенции. И кај нас од лани се дава поддршка, по 2.500 денари за грло.
- Фарми на биволи кај нас има уште во Дебреште, Прилепско, со седум до осум грла, во Свети Николско, со 12 - 13 грла, и кај мене, со вкупно 30 грла. Се одгледуваат уште неколку, веројатно пет - шест грла во Брезница. Значи, Македонија во моментов располага со околу 60 грла, од кои половината се кај мене, вели Деан Георгиев, сопстевник на најголемата фарма за биволи во Македонија, лоцирана во Градско Балдовци, Струмичко.
Ги чува, како што нагласува, од љубов и за да не угине расата. Сака да го прошири стадото за да се зголеми бројот на биволите во Македонија и да почнат и други сточари да се занимаваат со оваа дејност. Целта му е да направи затворен ланец на производство, да отвори месарница само за биволско месо, во Струмичко или во Скопско. Размислува и за производство на моцарела и продажба на месо, готов производ, колбас или некој друг вид.
- Ова не ми е основна дејност. Имам фарма за крави, но биволите ги чувам за размножување во што поголем број. Сега имам и мали кои се покрај мајките, истакнува Георгиев и додава дека во однос на чувањето, нема посебна филозофија.
- Посебни услови и инвестиција за чување биволи не се потребни. Може да се држат на ланец, врзани, или пуштени, во група, стадо. Така најмногу им одговора. Се хранат на паша, слободни. Просторот ни е заграден со жица на струја за да ги плаши. Сепак, пасиштето е големо, имаат вода и најбитно е што се слободни, пуштени слободно да пасат. Повремено вадиме по некое литро млеко за нас дома, но понатаму планираме производство на моцарела. Дневниот принос на млеко е шест до десет литри по грло, објаснува Георгеив.
Тој не е задоволен од цената што ја нудат кланичарите со објаснување дека, наводно, нашите потрошувачи не знаат доволно за квалитетот на биволското месо па продажбата оди тешко.
- Кланиците сакаат биволското месо да го земат дури и многу поевтино од телешкото, но нема логика да им го дадеме. Ако кило жива мера од бик е 120 денари, тие ни нудат 100 денари. Од друга страна, ако кило телешко е осум евра во малопродажба, биволското може да достигне 20 до 24 евра или 40 франци како во Швајцарија. Млекото е број еден и од него се прави моцарела. Густината му е преку девет проценти. Жално е што млечните индустрии кај нас не планираат да го прошират асортиманот што би го поттикнало одгледувањето на биволите, напоменува Георгиев.
Биволот е 50 отсто диво животно. Му треба малку време да остане само во планина, два до три месеца, за да подиви сто проценти. - Кога ќе дојде некој човек, од страна, не се приближуваат. Бегаат по 200 - 300 метри наназад, цело стадо. Ако одам јас, се приближуваат кон мене, зашто ме познаваат, раскажува одгледувачот од Струмичко според кој, биволите се исто така и опасни, особено после третата година.
Се чуваат едно до две машки грла, за приплод. - По третата година, кога преовладува дивото во него, биволот почнува да убива. Затоа јас го чувам максимум две до 2,5 години и потоа го носам на кланица. Месото најчесто го користиме ние дома, вели Георгиев.
Интересно е, нагласува, што женските грла можат да намирисаат машки на растојание од 40 километри и да одат по нив, ако нема во близина.
Проф. д-р Ѓоко Буневски од Катедрата за сточарство при Факултетот за земјоделски науки и храна потенцира дека за зачувување на биволите во Македонија, мора да се обезбеди државна поддршка. Во некои земји, вели, субвенциите се од 150 до 250 евра по грло.
- Државите практично го штитат овој вид животно зашто производите од него се висококвалитетни. Во Косово сточарите добиваат 80 до 120 евра поддршка, во Црна Гора 80, а во Хрватска 150 евра. И ние направивме огромни притисоци во ова насока по што, од минатат година, се даваат по 2.500 денари субвенции, потенцира професорот.
- Според податоците од 1939 година, пред Втората светска војна, и од 1949 година, во Македонија имало околу 39.000 биволи скоро во сите поголеми општини, Скопско, Кумановско, Брегалничко, Радовиш, Струмица, Дојран, Преспа, Охрид, Битолско, Полошко,... Биволите тогаш најмногу се користеле како работна сила зашто два пара биволи е еквивалент на три пара волови. Работниот учинок е многу поголем.Во 50-тите и 60-тите години од минаниот век, со наглата модернизација и механизација, бројот на грла е драстично намален. За жал, денес, според Агенцијата за храна и ветеринарство, во цела Македонија има само 60 до 65 грла. Се одгледуваат на неколку локалитети од кои најголемиот е во Струмичко, вели Буневски.
Благодарение на законските измени со кои биволот е веќе автохтон вид, во 2013 година не се дозволи продажба на последните грла во Косово и Бугарија за многу малку пари, ниту нивно колење, додава професорот.
Денес, освен за работа, биволите не се употребуваат речиси за ништо друго. Ретко се молзат, само за домашни потреби. - Упорно ќе се обидуваме да го зголемиме бројот на биволите во постоечките фарми, иако оди тешко. Мометно нема производ што има цена на пазарот како моцарелата, на пример, што е бренд во Италија, подвлекува Буневски.
Деан Георгиев е дел од движењето Слоу Фуд Македонија кое се залага за добра, чиста и правична храна, а минатиот викенд, на Тера Мадре Македонија во Битола, доби признание „Херој на млекото“. Признанието е во рамки на глобалната кампања „Во одбрана на суровото млеко“ на Слоу Фуд за заштита и овозможување производство, трговија и консумирање сирења произведени од сурово млеко.
Ново на Сител
-
Приведен криминалец баран со потерница
-
Подигнати 42 кубни метри отпад од диви депонии во Аеродром, Чаир, Кисела Вода и Карпош
-
Почина неврохирургот проф.д-р Владимир Мирчевски
-
Герасимовски: Бесплатна градинка за деца Роми од ранливи семејства
-
Со камион удрил во заштитната ограда, скопјанец загина на автопатот Демир Капија - Гевгелија
-
Од 15 ноември задолжително поседување зимска опрема
-
Околу 350 деца Роми ќе бидат згрижени бесплатно во јавните градинки во 21 општина
-
Приведен вработен во ЈП Национални шуми - Добивал по 200 евра месечно за дозволи за сеча на дрва