Македонија
16. October 2020 - 16:39

Битолчанка го победила ракот, по остварениот сон порачува дека животот мора да се живее

Катерина Петровска од Битола пред 12 години извојува победа над ракот. Таа сега е постојано активна, секојдневно пешачи, но е и голем вљубеник во планината. Нејзина долгогодишна желба била да се искачи на Антена на врвот Пелистер која и се исполни на 11 октомври кога заедно со неколку членки на здружението за поддршка на жени болни од рак „Одраз“ од Битола со џип се искачија на врвот, а потоа пешки до Мало и Големо Езеро. Во месецот посветен на борба против ракот на дојка оттаму ја испратија пораката дека и покрај се – има живот.

-Моја желба беше да се качам на Антена и успеав во тоа, горе буквално рикав од радост. Ние сме дел од општеството, тоа е втората порака. Не сме лепрозни, како што е овој момент со ковидот, штом се разбере дека некој од некое семејство има ковид, ги избегнуваат да можат на 100 километри. Јас тоа го почуствував пред 12 години, изјави Катерина Петровска.

Токму здружението „Одраз“ им служи за поддршка и во најтешките и во најсреќните моменти.

-Има моменти кога плачиме, моменти кога се смееме, моменти кога буквално го величиме животот. Болеста рак не е болест на тој што ја има, туку болест на цело семејство, се менува за 360 степени цел живот, на никого не го посакувам, она е малку што бевме на Антена. Кога ние се закренавме што имаме разни здравствени проблеми, секој може да се качи. Пораката е дека животот треба да се живее и покрај сите подеми и падови, вели Катерина.

Таа беше дел од тетарската претстава на режисерката Софија Ристевска Петрушева, создадена од документирани текстови на жени болни од рак во Битола.