Македонија
22. March 2022 - 12:29

Битола: Граѓаните се жалат на поскапувањето на храната

Изминатите недели потрошувачите најмногу се пожалиле на зголемени цени во малопродажните објекти особено на најосновните продукти, велат од Организацијата на потрошувачи во Битола.

-Исто така и на евидентен недостиг од брашно, масло, шеќер, дури во големи маркети забележано е дека ги нема. Поплака имаше и дека во помали маалски продавници го нема лебот на понуда, така што постари и изнемоштени луѓе се приморани да одат подалеку за да се обезбедат со еден таков основен производ во нивната исхрана, изјави Снежана Димитровска, ОПМ Битола.

Од организацијата на потрошувачи апелираа на разумно купување. Битолчани пак велат дека не треба да се прават залихи.

-Не, пензионери, кај можеме. Не, никако, само она што ни треба месечно. Тоа е глупост. Тешки да не дојде до лошо, ќе гледаме глава да спасиме или масло да земаме, велат битолчани.

Од маалските продавници велат дека не ни можат да набават толку многу за граѓаните да направат залихи.

-Многу е тешко за набавување на продуктите, особено на маслото. Закон како закон мора да се почитува и цел терет од овој закон го носи трговијата на мало. Магацините си имаат свои механизми си се заштитуваат, а нас не условуваат со набавка на други производи. А ние граѓаните мора да ги услужиме и да ги имаме сите производи, особено маалските продавници имаат најголем проблем, вели Билјана Јанковска, сопственик на маркет.

Таа вели дека токму маалските продавници најмногу ги трошат основните производи, токму оние што сега се продаваат со 0% ДДВ.