Свет
15. March 2017 - 15:12

Битката за Мосул е во завршна фаза, изјави ирачкиот премиер

Ирачкиот премиер Хајдер ал-Абади денеска изјави дека офанзивата на владините сили за освојување на Мосул од групата Исламска држава е во завршна фаза, пренесоа британските медиуми.

- Битката е во својата финална фаза. Со секој изминат ден ДАЕШ (Исламска држава) станува се поцврсто  опколена во малата зона и нејзините денови се изброени, рече Абади на прес конференција.

„Да бидам јасен - ќе им дадеме заштита на членовите на семејствата на ДАЕШ, кои се цивили, но ќе ги казниме терористите и ќе ги изведеме пред суд, доколку се предадат“, рече тој и предупреди дека доколку не се предадат, тие ќе бидат убиени.

Абади информира дека во следната недела ќе отпатува за Вашингтон, каде ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, со кого ќе разговара за војната во неговата земја. САД даваат воздушна и артилериска поддршка на офанзивата врз Мосул.

Ирачките сили денеска ја зацврстија контролата врз Железниот мост, што ги поврзува источниот сектор со стариот град во Мосул, што е под контрола на Исламска држава, јави федералната полиција.

Владата под контрола веќе држи три од петте мостови на реката Тигар, која го дели градот Мосул.

Поради борбите вкупно 97.374 лица или 16. 299 семејства се протерани од своите домови во западниот дел на градот, информира Меѓународната организација за миграција, цитирана од француксите медиуми.

Се смета дека пред офанзивата на ирачките владини сили, на 19 февруари, во западен Мосул имало околу 750.000 лица.