Македонија
13. October 2021 - 19:43

Библиотекарите поддржуваат дигитализација но не без учебници

Дигитализацијата на книгите е многу корисна, но никако не смее да се запостави вистинската книга, сметаат библиотекарите. Според нив, електронските и печатените книги и учебници мора да се користат паралелно и да се надополнуваат како извор на знаење.

„Мислам дека не може да ја замени, но може да бидат рамо до рамо. Може да ви дадам потврда за тоа, еве, Финска, како една од најразвиените технолошки земји, денес има едни од најразвиените библиотекарства во светот. Таму библиотеките рамноправно со електронската книга нудат и печатен материјал“, вели Јелена Петровска, библиотекар советник во НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од Битола.

„Секоја еднострана комуникација, без оглед дали е дигитална или класична, не е добра. Имено, користењето и на едно и на друго дава можност за да се види и да се сознае што повеќе во што покусо време. И мислам дека тоа е всушност основата на оваа наша приказна. Кој гледа само дигитално, тој е ускратен и гледа само една димензија“, вели Мирко Марковиќ, библиотекарски консултант од Србија.

Додека библиотекарите советуваат за паралелно користење на книги во печатена и електронска форма, реформирањето во образованието во земјава се спроведува преку целосна дигитализација. Тоа, според претседателот на СОНК, Јаким Неделков, не е соодветен начин за реформирање бидејќи ниту децата имаат еднакви услови за учење, ниту, пак, училиштата се доволно опремени со технички помагала и интернет.

„Не во сите училишта имаат услови за спроведување дигитализација, односно учење преку дигитални уреди и апарати, таблети, лап-топи... Можеби има смарт-табли некаде, но тоа ми се чини е недоволно, ако учениците немаат пред себе каде да следат. Особено ми се чини дека најголем е проблемот што во домашни услови не сите ученици имаат услови тоа да го следат и учат. Од таа причина сметам дека учебници мора да има. Во секој случај сметам дека дигитализацијата е добар начин за учење, напреден начин, меѓутоа мораме да повлечеме дека пред сѐ мора да се создадат услови буквално за секое дете да ги има подеднакво условите за учење и на училиште и дома во однос на дигитализацијата“, вели Јаким Неделков, претседател на СОНК.

Веќе месец и половина четвртоодделенците учат од електронски учебници. Тоа според министерката за образование ја прави земјава лидер во регионот во дигитализацијата на образованието. Но, родителите бурно реагираат бидејќи сега сами мора да ги печатат или фотокопираат книгите.