Македонија
25. December 2025 - 19:53

Без ниту еден глас против изгласан буџетот на Град Скопје за 2026 година

Со 29 гласа ЗА и без ниту еден против, советниците го донесоа буџетот на Град Скопје за 2026-та. Градоначалникот Ѓорѓиевски кажа дека основниот буџет изнесува 5,2 милијарди денари, што е зголемување од 12% споредено со годинешниот. Вети реконструкција и изградба на улици, зеленило, двојно повеќе пари за животната средина, издвоени се средства за изградба на Луна паркот, детски игралишта, за заштита и уредување на скопското кале, аквадуктот, старата чаршија. Ќе се набават нови контејнери за фрлање отпад и нови камиони за Комунална хигиена. Предвидено е вработување на 30 нови пожарникари и нова опрема и возила. Ќе се обезбеди и нов софтвер за поефикасно собирање даноци. 

- Дополнително, обезбедени се 260 милиони денари преку спогодба со Министерството за образование и наука и одлука на Владата на Македонија за студентски превоз за заостанатите години, обврска за која претходната влада на СДСМ немаше слух – рече Ѓорѓиевски. 

Ќе им се помогне и на јавните претпријатија, кои како што кажа градоначалникот, се дават во долгови.

- Буџетот за 2026 година е и буџет на финансиска консолидација. Предвидена е директна поддршка за јавните претпријатија и културните установи со јасна цел за нивно раздолжување и стабилизирање до првата половина на 2027 година. За таа намена се издвојуваат средства за ,,Комунална хигиена”, ,,Паркови и зеленило”, ,,Дрисла”, ,,Лајка” , ,,Улици и патишта”, како и рекордни 920 милиони денари субвенции за ЈСП Скопје – истакна Ѓорѓиевски. 

Амандмани за буџетот не беа прифатени бидејќи најголем дел од нив беа технички неисправни.