Без дебата реформските закони за администрацијата го поминаа првиот собраниски филтер
Без никаква дебата, на брза трака три Закони од реформската агенда го поминаа првиот собраниски филтер. Само краткото образложение на министерот Минчев беше доволно пратениците да дадат поддршка за предлог законите за вработените во јавниот сектор, за административни службеници и за стручно усоворшување и обука на административните службеници кои се ставени со европско знаменце.
Минчев уверува дека предлог-законите се направени транспарентно, со консултација на сите засегнати страни. Според него, овие три закони ќе го сменат лицето на администрацијата и јавниот сектор.
- Што пропишува како главни промени? Тоа е јасна и објективна процедура на вработување базирана на компетенции, а не на врски и на партиски влијанија. Понатаму, централизација и дигитализација на сите огласи преку веб страницата на Агенцијата за администрација што гарантира транспарентност и еднаква можност за сите кандидати. Понатаму, строги ограничувања на дискреционите овластувања со што го прекинуваме партискиот хаос во вработувањата, рече Минчев.
Полагањето на испитот за административни службеници отсега ќе биде јавен. На веб страницата на Агенцијата во живо ќе се пренесува полагањето на кандидатите. Доколку поради технички причини тоа не е возможно во рок од два дена Агенцијата ќе мора да објави видео од полагањето.
Дополнително, предлог законот предвидува и оценување на службениците. Со оценка од 1 до 5 шефовите ќе ги оценуваат службениците. Доколку службеникот биде оценет со оценка 2, ќе биде пратен на обука, и нема да смее да биде унапреден во следните две години. Доколку добие единица, унапредување нема да може да добие во следните три години. Доколку, пак, две години по ред добие единица, платата ќе му биде намалена за 20% во период од шест месеци.
Минчев вели, конечно се воведува систем за дисциплинска одговорност.
- Предвидуваме поедноставни и ефикасни за дисциплинска одговорност со цел заштита на угледот на јавната администрација. Ова е посебно важна новина, зашто досега немавме можност оние коишто не работат хоризонтално да ги спуштаме надолу. Но сега тоа го предвидуваме, ја поедноставуваме таа процедура што значи дека повторно се враќаме на правилото – кој ќе работи ќе ја заслужи својата плата, вели Минчев.
Во предлог законите платата повторно ќе се пресметува според минималната плата, наместо според просечната, што беше главно барање на Синдикатите. Токму тоа се и најголемите забелешки на Синдикатот на УПОЗ од кадешто тврдат дека платите на најголем дел од работниците, особено на оние со најниски примања и натаму ќе останат исти. Меѓутоа, во нив е предвидено најдобрите службеници и оние кои извршуваат стратешки важна работа да можат да бидат наградени и до 25% од просечната плата во државата.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар