Бизнис
7. December 2015 - 23:58

Бесплатен превоз во ЈСП за редовните студенти – Средношколците ќе добијат бесплатни билети за железниците и театрите

Редовните студенти на државните универзитети бесплатно ќе го користат јавниот автобуски превоз во Скопје и останатите градови каде што го има. Мерката, која премиерот Груевски ја најави како начин да се зголеми мобилноста на младите, ќе важи од први јануари догодина.

-  Сите редовни студенти од државните универзитети ќе можат да користат бесплатен јавен градски превоз секој ден во неделата, на сите линии. Со оваа мерка е предвидено на сите редовни студенти од државните универзитети да им се доделат картички од ЈСП Скопје и другите јавни претпријатија во градовите каде што има јавен автобуски превоз, со цел да можат бесплатно да ја користат услугата на јавните сообраќајни претпријатија. Владата со цел да се имплементира оваа мерка ќе исплаќа трансфери на средства кон соодветните единици на локална самоуправа, истакна Груевски.

Вториот најавен проект е наменет за средношколците. Од први јануари, секоја среда ќе можат бесплатно да ја користат железницата, жичарницата до Водно и бесплатно да посетуваат културни установи во земјата

- Преку овој проект наречен „Средношколска Среда“ секоја среда на сите средношколци, ќе им се овозможи бесплатен превоз на жичарницата на Водно и со железничкиот сообраќај во Република Македонија, како и бесплатни билети за театрите, музеите и кината во државата.

Поволностите за студентите и средношколците премиерот ги најави како дел од поширока палета од 100 мерки и проекти за младите и за образованието кои ќе се објават во следнит период.