Белгија: Националистите предвидуваат “имплозија на системот“ до 2024
Партијата на фламанските националисти на Белгија, НВА, предупредуваат дека земјата се претвора во “зомби“. Белгија е без влада на федерално ниво повеќе од една година, а коалициските преговори тапкаат во место.
Поранешниот државен секретар за миграција и влијателна фигура во партијата, Тео Франкен, во интервју за франкофонски весник изјави дека доколку партиите од југот на земјата “ги игнорираат институционалните барања, не треба да се жалат потоа“ доколку националистите и екстремната десница во Фландрија однесат повторно мнозинство за пет години.
На последните парламентарни избори во Белгија исплива на површина длабоката поделеност на земјата: додека југот и Франкофоните масовно гласаа за социјалистите, Фламанците им дадоа мнозинство на националистите, НВА, и на екстремната десница, Вламс Беланг.
Неколку медијатори до сега се обиделе да изнајдат компромис за формирање на федерална влада, но безуспешно. Франкофоните од југот и националистите од северот одбиваат заедничка коалиција по секоја цена, а без една од овие партии не се исполнети условите за формирање влада. Кралот Филип Втори во своето божиќно обраќање уште еднаш повика партиите да изнајдат компромис и имплицитно даде до знаење дека претпочита да нема предвремени избори.
Според националистите оваа состојба е доказ дека земјата е “зрела за конфедерација“, што е конзистентно барање на оваа партија од нејзиното постоење.
-Кога зборувам во четири очи со претседателите на партиите никогаш не сум видел толкав очај, во смисла што не гледа никој решение, не постои, не го гледаме, вели претседателот на НВА, Барт Де Вевер.
Де Вевер смета дека земјата се претвора во “зомби“ и смета дека 2019-та беше “година на очајот“ на федерално ниво.
Според него сега е време да се премине на целосна и уредна “трансформација“ на државата, иако признава дека неговото мнозинство не е доволно големо за таков потфат.
-Доколку ништо не се смени, предвидувам имплозија на системот до 2024-та, вели Де Вевер, кога се предвидени следните редовни избори.
Според него тогаш традиционалните партии “ќе исчезнат“ додека “револуционерните“ партии од екстремната десница и екстремната левица ќе се засилат.
-Ова не е научна фантастика, не сме далеку, додаде претседателот на фламанските националисти.
Франкен од своја страна предупреди дека “државник не може секогаш да одбива да одговори на институционалните барања, тие што велат дека ја сакаат Белгија не треба да си играат со оган“.
Ново на Сител
-
За викендот облачно со краткотраен дожд, од понеделник постудено со дожд и снег
-
Мисајловски учествува на средба на министрите за одбрана на НАТО во Брисел
-
На ГП Богородица запленети 188 килограми марихуанa, приведени две лица
-
76 лица санкционирани во текот на вчерашниот ден затоа што возеле без возачка дозвола
-
Муцунски се сретна со австралискиот пратеник и министер за надворешни работи во сенка, Дејвид Колман
-
Формула 1 доби писмо со критики за Големата награда на Африка
-
Поранешен извршен директор на Гугл: Вештачката интелигенција можат да ја користат терористи или непријателски држави за да повредат невини луѓе
-
НМСМ ќе реализира сесии за кариерно советување во секое средно училиште