Бизнис
22. September 2020 - 16:44

Бектеши контра колегите од СДСМ: Прочитајте ја владината програма, ќе има субвенции за етнички вработувања

Политичарите, да ги читаат владините програми пред да даваат коментари. Посебно оние кои ја гласале програмата, каде децидно е наведено дека државата ќе ги помага  приватните фирми што ќе  вработат лица од друга етничка припадност. Ваква порака им упати министерот за економија  Бектеши на своите колеги во Владата, кои сметаат дека професиналоста, а не етникумот треба да е критериум за вработување. Поделба на јавните пари за ваква, како што ја нарекуваат дискримирачка мерка, е неприфалива и за нив и за бизинис заедницата.

„Политичарите да ги читаат владините програми пред да коментираат, еве тоа е содржано во владината програма на страница 39 параграф 3. Ова важи и за политичарите да ја прочитаат владината програма, нека ја прочитаат оти гласале за владината програма“, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.

Сепак во владината програма не стои стриктно дека ќе има помош за фирмите кои ќе вработата  лица од друга етничка припадност. Во наведениот пасус пишува дека Владата ќе го повика, охрабри и ќе соработува со бизнис секторот т.е. домашните и странски компании да ги поддржат добрите меѓуетнички односи и вредностите на толеранција, застапеност и меѓусебна доверба и во нивните работни средини, за да се искористи целокупниот човечки потенцијал со кој располага нашата земја.

Помош ќе добијат сите приватни фирми, кои ќе го зголемат процентот на вработени по етнички клуч, а колку ќе чини, се уште не се знае.

„Секако дека ќе предвидиме пари за овој проект, колку точно , ќе знаеме по консултациите со сите засегнати и со Стопанските комори, а може да се реализира преку Агенцијата за вработување. Ќе креираме такви мерки за да го поттикнеме и приватниот сектор да работи како јавниот сектор“, додава Бектеши.

Инаку, откако вчера лидерот на БЕСА Касами повика приватните фирми да воведат двојазичност, затоа што голем дел Албанци не го говореле  добро македонскиот јазик, денеска министерот Бектеши ги повика новинарите  да го научат албанскиот јазик.

„Јазикот е за да се доближат луѓето, за да се разбираме и секој дополнителен јазик е додадена вредност, а тоа се однесува и на вас новинарите“, вели Бектеши.