Македонија
11. February 2022 - 12:38

Бектеши-Фрагогијанис: Работиме на зајакнување на економската соработка и поголема енергетска поврзаност меѓу двете земји

Зголемување на економската соработка помеѓу двете земји, како и преземање на заеднички  чекори коишто ќе имаат импакт врз создавање на услови за забрзан раст на економијата, беа главните теми на кои разговараа министерот за економија Крешник Бектеши и заменик- министерот за надворешни работи на Грција, Костас Фрагогијанис на денешната работна средба во Министерството за економија.

Како што информираат од Министерството за економија, тие на состанокот ја истакнаа потребата за зајакнување и унапредување на економската соработка меѓу двете земји, пред се во делот на трговската размена, инвестициите и енергетското поврзување. Се согласија дека иако Грција е наш четврти најголем трговски партнер, со скок од една позиција минатата година, сепак помеѓу двете соседски земји има голем простор за соработката да се унапреди во наредниот период. На средбата се дискутираше и за тековните и идни проекти.

Министерот Бектеши истакна дека се работи засилено за подобрување на енергетската поврзаност помеѓу двете земји. Како еден од позначајните проекти кој беше истакнат е проектот за изградба на интерконективниот гасовод до Грција кој се очекува да почне да се гради оваа година, за што минатата година беше и потпишан договор помеѓу двете влади.

-Вкупната вредност на оваа инвестиција изнесува 58 милиони евра, за што веќе се обезбедени средства од Европската инвестициска банка во износ од 28,9 милиони евра, од ВБИФ се добиени грант средства во износ од 9,9 милиони евра кои ќе бидат искористени за финансирање на градежните работи, а грант средства во износ од 2,6 милиони евра ќе бидат наменети за техничка помош во спроведувањето на проектот и подобрување на комуникацијата и неговата видливост, како и евалуација и ревизија на проектот, прецизираат од Министерството за економија.

Преостанатите 16,5 милиони евра, додаваат, ќе се обезбедат од ЕБОР за што Владата во наредниот период ќе поднесе посебен Предлог-закон за гаранција.

Според статистичките податоци вкупната трговска размена со Грција од јануари до ноември 2021 година изнесува 838,8 милиони евра и е за 48 отсто поголема споредено со истиот период од претходната година.