Бизнис
23. January 2024 - 15:58

Бектеши: До крајот на јануари растот на платите е поголем од растот на инфлацијата споредбено со претходната година

До крајот на јануари растот на платите е поголем од растот на инфлацијата споредбено со претходните месеци од претходната година, што значи дека сме успеале да го зачуваме животниот стандард на мнозинството граѓани во нашата држава, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

На новинарско прашање во врска со она што го објави Државниот завод за статистика дека просечната плата во ноември се намалила за скоро 500 денари во однос на октомври, Бектеши рече растот на платите во претходната година споредбено со инфлацијата и платите до октомври не можеше да го следи растот на инфлацијата заради одредени елементи увезени работи во нашата држава.

Вели влегуваме во нова фаза каде што постепено се зголемува животниот стандард на тие што се вработени било во јавниот или, пак, во приватниот сектор. 

Зголемувањето на платите е над 12 отсто просечно, посочи Бектеши, а како што рече, инфлација немаме повеќе од 3,5 отсто во моментот кога зборуваме.

Државниот завод за статистика денеска објави дека во ноември 2023 година просечната месечна исплатена нето-плата по вработен изнесувала 38.359 денари, што значи се бележи зголемување за 16,2 проценти во однос на ноември 2022 година.

Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување (23,8  проценти), Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (22 проценти), Снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината (19.4 проценти).

Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Дејности во врска со недвижен имот ( 8 проценти), Рударство и вадење на камен (5,9  проценти), Финансиски дејности и дејности на осигурување (4,6  проценти).

Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во ноември 2023 година, изнесува 57 609 денари.