Македонија
27. July 2021 - 18:19

Барокните фасади и „Скопје 2014“ ја дефокусираа расправата за Ребалансот на Буџетот

Во речиси празна сала, попладнево продолжи општата расправа по дополнетиот ребаланс на Буџетот. Пратениците од власта и опозицијата уште еднаш ги спротивставија ставовите. За СДСМ прекројувањето на државната каса е обезбедување дополнителна поддршка и нови инвестиции, додека за ВМРО-ДПМНЕ предизборен поткуп, продлабоување на сиромаштијата и нови непродуктвни трошења.

Но, ребалансот, наместо да биде централна тема, стана причина за нови препукувања кои се сведоа на барокните фасади, проектот „Скопје 2014“, еврообврзницата, Рашковски, криминалот и корупцијата, на тоа што направи оваа Влада, а што таа пред неа, кој води добри, а кој лоши политики, кој сечел ленти по три пати, кој давал лажни ветувања и колку е партизирана администрацијата.

– СДСМ продолжува со веселата математика за да докаже дека економската ситуација не е катастрофална, а 600.000 граѓани живеат во сиромаштија, се најавуваат нови бранови на отпуштања во текстилниот сектор, 6.200 компании ставиле клуч на врата, поскапувањето на горивото и струјата предизвикува рапиден пад на стандардот и јавниот долг прпват е двојно поголем од вкупните приходи, рече во почетокот на расправата Зоранчо Јованчов од ВМРО-ДПМНЕ.

На тоа реплицираше Панчо Минов, појаснувајќи дека капиталните расходи се зголемени и редизјанирани на сметка на бизнисот, за да им се помогне на компаниите и да им се овозможи да инвестираат.

– Компаниите едвај го чекаат донесувањето на ребалансот за да ги оставарат своите права, рече Минов.

Лидија Петкоска од ВМРО-ДПМНЕ го повтори партискиот став дека ребалансот е неразвоен и неконзистентен.

– Јас би го нарекла ребалансот предизборен, зашто целта му е делење милост и вработување партиски послушници. Со него, сиромаштијата ќе се продлабочи, а неизвесноста ќе се зголеми. Ребалансот покажува и дека власта целосно го загубила финансискиот компас, не е планирана ниту една квалитетна инвестиција, нема јасно акцентирање кои се приоритетите, нагласи Петкоска.

Диме Велковски од СДСМ реплицираше, изнесувајќи конкретни бројки за поддршката што ја обезбеди Владата во сите сфери и со Буџетот, но и со ребалансот.

Потоа почнаа препирките, главно меѓу пратеничките од владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски соопшти дека седницата ќе продолжи и по 18 часот.

Општата расправа по дополнетиот ребаланс на Буџетот почна во четвртокот, а може да трае пет дена.