Баро: Путин е пречка за мирот, потребни се нови санкции против Русија
Шефот на француската дипломатија Жан-Ноел Баро денеска изјави дека неговата земја ќе ги искористи приходите од замрзнатите руски средства за одржување на хаубиците „Цезар“ кои ги испрати во Украина, пренесуваат француските медиуми.
– Франција преку својата компанија КНДС, благодарение на каматите од замрзнатите руски средства, ќе може да обезбеди функционално одржување на хаубиците ‘Цезар’ што Париз ги испрати во Киев, изјави францускиот министер, кој учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во украинскиот град Лавов, пишува „Фигаро“.
ЕУ одлучи да ги искористи каматите од замрзнатите руски средства за да му помогне на Киев, потсетува парискиот весник.
Француско-германската компанија КНДС, која ги произведува хаубиците „Цезар“, во јуни 2024 година во Париз го формализираше формирањето на својата подружница во Украина, а потоа објави дека таму ќе отвори и свој центар за одржување на овие хаубици.
Франција на Украина ѝ испорача околу 60 вакви хаубици, кои можат да испукаат шест гранати за помалку од една минута, а нивниот дострел е 40 километри.
Жан-Ноел Баро истакна дека е неопходно да се принуди рускиот претседател Владимир Путин да се согласи на примирје.
– Ние сакаме мир, а денес единствената пречка за мирот се наоѓа во Москва, рече Баро, додавајќи дека тоа е Путин.
Францускиот министер додаде дека вчера претседателот Емануел Макрон неколку пати телефонски разговарал со неговиот американски колега Доналд Трамп, кому му ги пренел овие ставови.
Баро, исто така, рече дека разговарал со американскиот републикански сенатор Линдзи Греам, кој заедно со уште 70 сенатори од редовите на републиканците и демократите подготвува пакет сеопфатни санкции против Русија.
– Јас го уверив дека и ние, заедно со Европејците, ќе предложиме нов пакет санкции во наредните денови за да извршиме притисок врз Русија, нагласи Баро.
Ново на Сител
-
Студентската листа е 99 отсто завршена, во неа нема опозиција ниту влада, тврдат српските студенти во блокада
-
Израел тврди дека нема масовна глад во Газа
-
Еден војник загина, а еден е потешко повреден при гаснење пожар во Црна Гора
-
Ангелов: Активен тежок пожар во ловиштето „Јасен“, дејствуваат два полициски и еден армиски хеликоптер
-
Во Албанија активни 30 пожари, пет се најкритични
-
Лото - игра на среќа со семејна традиција, ритуал во кој среќните броеви ни поттикнуваат надеж
-
Уапсен 19-годишник во Куманово, со него затекнато 14-годишно девојче пријавено за исчезнато
-
Приведени двајца росоманци, пријавени за закани кон градоначалник на Кавадарци и неговото семејство