Бизнис
18. August 2016 - 19:40

Банките ги олеснуваат условите за кредитирање, гледаат помали ризици за економијата

Банките ги олеснуваат условите и гледаат помали ризици за економијата. Ова го констатира најновата анкета за кредитна активност спроведена од Народната банка, а која се однесува на вториот квартал од годината.

Банките во тој период ги олесниле речиси сите услови за кредитирање, вклучително и каматите, обезбедувањето, големината на заемот, како и други некаматни услови. При тоа, има подобрување кај факторите поврзани со согледувањето на ризиците кои придонесуваат за заострување на кредитните услови. Така, само кај 13% од банките очекувањата за вкупната економска активност, перспективата на гранката на која ѝ припаѓа компанијата што бара кредит, како и ризикот од неизвршување на обезбедувањето придонесуваат кон поконзервативна политика при одобрувањето на корпоративни кредити, наспроти 39% од банките во минатата анкета.

Кај компаниите побарувачката на кредити главно се должи на потребата од инвестиции во залихи и обртни средства и за реструктуирање на долг. Од друга страна, се намалила побарувачката на кредити заради инвестиции во основни средства, што е прв случај по десет анкети.

Во однос на населението, банките јавуваат за олеснети услови кај станбените и потрошувачките кредити, а најголем фактор за тоа е меѓубанкарската конкуренција.

Кај потрошувачките кредити, очекувањата за вкупната економска активност и понатаму придонесуваат за заострување на условите, а за поконзервативна политика при одобрувањето на кредитите придонесуваат кредитната способност на потрошувачите и ризикот од неизвршување на обезбедувањето.

При тоа, граѓаните бараат помалку станбени кредити во однос на претходната анкета, а повеќе потрошувачки кредити.