Македонија
22. December 2025 - 12:18

Бањата од римскиот период во Банско ќе добие заштитна конструкција, средствата обезбедени од ЕУ

По речиси половина век од нејзиното откривање, термата од римскиот период во Бања Банско ќе биде покриена и трајно заштитена од атмосферските влијанија. Со ова, локалитетот, кој претставува едно од најзначајните археолошки наоѓалишта во југоисточниот дел на земјава, ќе добие современа челична заштитна конструкција.

Проектот се реализира со средства од Европската Унија преку програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција, а неговата вкупна вредност изнесува 1,3 милиони евра за двете земји. За активностите што ќе се реализираат на македонска страна предвидени се околу 420 илјади евра.

Покрај заштитата на археолошкиот локалитет, проектот опфаќа и низа активности насочени кон негово уредување и туристичка презентација.

Според најавите, реализацијата на проектот треба да заврши до август 2027 година. Освен заштита на културното наследство, проектот има за цел и поврзување на културните и историските вредности од двете страни на границата и нивно ставање во функција на одржлив туризам и локален економски развој, со фокус на регионот Струмица, Дојран, Кукуш.

Бањата од римскиот период за првпат е откриена во 1978 година, а досега се откриени 11 простории со вкупна корисна површина од околу 700 квадратни метри.