Свет
14. July 2020 - 11:37

Бајден планира два трилиони долари за САД да преминат на еколошки чиста енергија

Сигурниот кандидат за претседател на САД од Демократската партија, Џо Бајден, во случај на негов избор следните четири години планира државата да вложи два трилиони долари за обновливи извори на енергија.

Како што јави денеска Блумберг, планот на Бајден, поранешен потпретседател, е енергетиката на САД да премине на 100 проценти чиста енергија до 2035 година, а не, како што претходно се ветуваше, до 2050 година.

Сумата е повисока од 1.7 трилиони долари објавени лани, и е дел од договорот со прогресивното крило на партијата и сенаторот Берни Сандерс, кој се бореше за номинацијата а потоа го поддржа Бајден за кандидат за претседател.

Плановите за ова Бајден ги претстави на донаторска конференција одржана синоќа, на која изјави дека не треба да се чека до 2050 година, туку да се преземат чекори веднаш САД да ги отфрлат издувните гасови од електро централите и автомобилите и да преминат кон користење на 100 проценти еколошки чиста енергија од обновливи извори до 2035 година, како во индустријата така и во транспортот.

Планот за воведување на субвенции за Американците, слични на оние во ЕУ, за купување на електро, хибридни и автомобили на водороден погон со предавање на автомобилите на бензин и дизел, претходно го претстави и Чак Шумер, лидер на малцинството во американскиот Сенат.

Овие предлози се дел од Зелениот нов курс на прогресивните демократи, претставен од конгресменката Александрија Оказио-Кортез од Њујорк, гувернерот на Вашингтон, Џеј Инсли, сенаторот од Масачусетс, Елизабет Ворен и други видни демократи.