Свет
28. July 2022 - 18:22

Бајден и Си телефонски разговараат за серија безбедносни и економски прашања

Американскиот претседател Џозеф Бајден и неговиот кинески колега Си Џинпинг го почнаа најавениот телефонски разговор.

За време на разговорот двајцата лидери, според најавите, ќе разговараат за голем број прашања, вклучувајќи го и рускиот напад врз Украина, соопшти Белата куќа.

Британските медиуми го пренесуваат портпаролот на Белата куќа Џон Кирби кој во понеделникот изјави дека Бајден и Си ќе посветат дел од разг­­оворот на прашањата поврзани со економското ривалство меѓу двете земји.

Ова е петти разговор меѓу двајцата лидери, а доаѓа по острите предупредувања на Кина кон администрацијата на Бајден откако беше најавена можна посета на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, на Тајван.

-Ќе разговараат за се, од тензиите околу Тајван до војната во Украина, како и за економската конкуренција меѓу нашите две земји. Ова е повик што одмана беше закажан и веќе постои агенда на темите за кои двајца лидери треба да разговараат, рече Кирби, пренесен од британските медиуми.

„Воинственоста во реториката на Кина за можното патување само ги зголемува тензиите. Сметаме дека е бескорисна со оглед на ситуацијата“, рече тој.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Жао Лиџијан, претходно им изјави дека кинеската страна во повеќе наврати јасно им ставила до знаење на САД дека силно се противат на посетата на Пелоси на Тајван.