Македонија
6. January 2022 - 16:40

Бадник ден пред Христовото раѓање

Весела атмосфера и радост кај верниците во пресрет на Христовото раѓање. Централната литургија, која се одржува во Соборниот храм во Скопје, започна со делење осветени бадникови гранчиња и заштитни маски, со порака да се празнува но, со почитување на здравствените протоколи.

Со палење свеќи и молитви, пред сè, за добро здравје, верниците го празнуваат Бадник. Со скромна трпеза и кршење лепче со паричка ќе ја чекаат веста за Христовото раѓање.

По осветувањето на бадниковата погача, поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, им порача на верниците секој ден да им е исполнет со љубов и радост.

Старите кумови го предадоа Бадниковиот ќуп на новите кумови и на верниците им посакаа добро здравје.

На традиционалната Бадникова церемонија во Соборниот храм присуствуваше и градоначалничката Арсовска, која порача да се почитуваме и да бидеме хумани.