Бизнис
27. March 2024 - 16:44

Азески: Економијата да биде приоритет, а политичарите да ги исполнат ветувањата

Конкретни мерки, а не празни ветувања. Политичарите доволно не лажеа пред сите избори, сега, ако не го исполнат договореното – ќе сносат одговорност, вели првиот човек на Стопанската Комора по средбата со лидерот на опозицијата Мицкоски. Економијата да биде приоритет, да биде предвидлива, да не се носат закони преку ноќ, да функционира правната  држава, да се смени односот на политичарите кон  бизнисмените, да се укинат парафискалните давачки и царинските бариери. Комората ги повтори барањата, кои се исти со години.

- Нашите чекори ќе бидат јасни. Секое излегување од договореното ќе потсетуваме. Потоа ќе бараме претседателот да ги потпишува законите еден месец по донесувањето, а не првиот ден. Ќе ги информираме САД за сите чекори кои владата ќе ги презема во незаконска насока. Ќе бараме фискалниот совет да работи како што треба и ќе повикаме меѓународните финансиски институции да преземат мерки. Ние можеме да го преселиме капиталот во секој момент, но сакаме да го правиме тоа за државата. Оваа држава мора да тргне во насоката која ја избравме за да не се срамиме самите себеси –изјави Бранко Азески, претедстел на Стопанската Комора.

Мицкоски ветува ревизија на работењето на УЈП  и Фондот за иновации, намалување на даноците за личен доход и добивка од 10 на 8%, анализа на мерката МОЈ ДДВ – ако се покаже како успешна, ќе продолжи, но може и да се ревидира. борба против корупцијата и сивата економија.

- За мултинационални компании кои што ќе консолидираат добивка во Македонија данок до 5 %, данок на добивка. Предвидуваме јасна политика во делот на парафискалните давачки, во делот на царинската политика, регулаторната гиљотиња сето тоа кое што е содржано во програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Сметаме дека на тој начин ќе го олесниме работењето на компаниите и ќе ја придвижиме економијата напред. Како и резолутна борба со сивата економија“, посочи Мицкоски.

Во изборната програма на опозициката партија, Мицкоски  вели дека се содржани најголем дел од барањата на бизнис заедницата. Азески е задоволен од она што го има на хартија. Останува уште да се реализира.