Бизнис
20. October 2015 - 18:34

Австриска инвестиција од 1,5 милион евра во текстилна фабрика во Виница

Австриската компанија „Тексспорт“ отвори нова конфекциска фабрика во Индустриската зона во Виница во вредност од 1,5 милиони евра.

- Во капацитетот во Виница инвестиравме 1,5 милиони евра сопствени средства на компанијата„Тексспорт“. Во објектот ќе се вработат 180 до 200 лица од Виница и регионот. Дополнително во Кочани ќе воведеме производство каде уште 80 лица ќе најдат вработување, истакна Отмар Шнајдер, сопственик на компанијата од Австрија.

Тој прецизира дека утре во општина Илинден ќе бидат поставени темелите за уште еден производствен погон - текстилна фабрика за производство на противпожарна облека.

Градоначалникот на општина Виница Емил Дончев изрази задоволство од новата австриска инвестиција во областа на конфекционертството во Виница. Тој ги потенцираше придобивките за граѓаните од општината и регионот и придонесот за стопанскиот развој во целина.

- Новата инвестиција ќе биде од големо значење за општината, посебно за намалување на бројот на невработените иако Виница е со најмал број на невработени лица во регионот, рече Дончев.